Бислимоски: Училиштата, болниците и компаниите треба да набавуваат струја директно од ЕСМ, затоа што е поевтина, а не преку ЕВН и да плаќаат маржа

-Болниците и здравствените установи во Македонија веќе користат електрична енергија од ЕСМ-Продажба, наместо од слободниот пазар како што беше досега, каде е многу поскапа, изјави Марко Бислимовски, претседателот на Регулаторната комисија за енергетика, претпладнево во емисијата „Студио 10“ на ТВ24. – ЕСМ-Продажба која започна со работа пред две години, веќе им обезбедува струја на болниците и таа е далеку пониска од пазарната цена, изјави тој.

Според него, крајната цел е основните и средните училишта, македонските компании, јавните комунални претпријатија и прочистителните станици да добијат пониска цена на електричната енергија од пазарната и наместо да се финансира ЕВН и да му се плаќа маржа, ЕСМ директно да им ја продава ним.

-Мојот предлог е ЕСМ преку својата компанија за продажба, директно да им продава на овие категории на потрошувачи по цена, која што ќе биде пониска од цената која што е во моментов на регулираниот пазар за малите потрошувачи. На тој начин ќе избегнеме на ЕВН Хоум да им се даваат дополнителни пари за маржа, а ќе обезбедиме ЕСМ како државна компанија, која што добила субвенции од државата, да ги намали овие субвенции, рече Бислимоски.

На овој начин, како што нагласи, ќе им се помогне на училиштата, компаниите и јавните комунални претпријатија со цена за струја која е поволна и прифатлива за нив.

-Со предлогот на опозицијата, доколку се вратат сите на регулираниот пазар на електрична енергија, во тој случај цената што ЕСМ ќе ја продава на ЕВН Хоум ќе е 48 евра за мегават час, но маржата на ЕВН Хоум ќе се зголеми за дополнителни 5 до 6 милиони евра, рече тој. А, според него, тоа дополнително ќе врши притисок за зголемување на цената што ја плаќаат сите потрошувачи на регулираниот пазар по 1 јануари идната година.