Катарскиот милијардер и шеик Јасим Бин Хамад Ал Тани вчера со официјално соопштение објави дека доставил понуда за стопроцентно купување на Манчестер Јунајтед и влезе во трката за купување на англискиот великан, а веќе денеска пристигна одговор и од најбогатиот човек во Англија.
Медиумите од Островот веќе пренесоа дека Сер Џим Ретклиф е заинтересиран за аквизиција на клубот од „Олд Трафорд“, а како директен одговор за објавата на Катарците, денеска со објава излезе неговата компанија „ИНЕОС“.
Навивачите на Манчестер Јунајтед повеќе се препознаваат во понудата на Ретклиф бидејќи сакаат Јунајтед да остане домашен бренд, но останува да се види која понуда најмногу ќе ги задоволи актуелните газди, семејството Глејзерс.
– Сер Џим Ретклиф и ИНЕОС поднесоа понуда за мнозинска сопственост на фудбалскиот клуб Манчестер Јунајтед. Ние гледаме на нашата улога како долгорочни чувари на Манчестер Јунајтед во име на навивачите и пошироката заедница.
– Ние сме амбициозни и високо конкурентни и би сакале да инвестираме во Манчестер Јунајтед за повторно да го направиме овој клуб број еден во светот.
– Исто така, признаваме дека фудбалското управување во оваа земја е на крстопат. Ние би сакале да помогнеме да го водиме ова следно поглавје, продлабочувајќи ја културата на англискиот фудбал со тоа што ќе го направиме клубот светилник за модерен, прогресивен пристап кон сопственоста во која важна улога ќе имаат навивачите, – се вели во соопштението.