Битиќи: Автопат Прилеп-Битола ќе биде готов по 1,5 година

За една и пол година ќе се изгради автопат Прилеп-Битола по нови, европски стандарди, најави заменик-претседателот на Владата за економски прашања Фатмир Битиќи. Тој, заедно со министерот за транспорт и врски Благој Бочварски денеска имаат средба со стопанствениците од регионалните комори на Прилеп и Битола кои бараат современа инфраструктура во Регионот.

Битиќи нагласи дека земјава почнува со нов тип автопатски решенија, според „Фидик-постапка“ за брза и евтина изградба, а се применуваат во ЕУ.

– За првпат воведуваме нов начин на градење автопатски решенија според „Фидик-правилата“ што се применуваат во ЕУ, што значи да имаме поевтино, побрзо автопатско решение. Ќе се заштеди барем 1,5 година во изградбата.Значи. за една и пол година Прилеп Битола ќе имаат автопат. Очекувам дека веќе наесен ќе имаме избрана компанија која ќе работи на автопатот Прилеп-Битола – изјави Битиќи.

Според него, наредните години во инфраструктурни проекти ќе се вложат околу 1 милијарда евра, годинава преку 200 милиона, а од сите средства во овој Регион ќе се инвестираат околу 300 милиони евра.

–  Прилеп и Битола се општините кои добија најмногу средства од ТАФ-пропектите и тоа, вкупно 3 милиона евра, што е речиси 10 насто од вкупните средства за сите општини. Ова само укажува дека, ако еден регион придонесува со 13 насто од бруто домашниот производ, а доби толкав износ, укажува каков однос имаме спрема локалната самоуправа. Пелагонискиот регион е атрактивен за компаниите. Пред сѐ, поради близината на границата со Грција и блиското пристаниште во Солун и затоа имаме намера овде да има вистински „инфраструктурен бум“ со кој ќе направиме модерни и безбедни патишта. Вкупните инцвестиции во патната инфраструктура во овој регион наредните години ќе бидат околу 300 милиона евра – рече Битиќи.

Министерот за транспорт и врски Благој Бочварски рече дека веќе се надминати наследените проблеми во градењето на инфраструктурните проекти.

– Градежните активности од Градско до Дреново ги презеде компанијата „Штрабак“ и од минатиот месец се воведени во работата. За втората фаза, клучјка Дреново до Фаришката клисура, се знае дека и таму изведувачот ја напушти трасата. ЈП „Државни патишта објави нов тендер за изградбата на останатите 65 проценти од оваа траса. Во овој момент се врши евалуација на пристигнатите понуди. Што се однесува до третата фаза, од Прилеп до ленишки мост и изградбата на третата лента, сега се врши проектирање. Ќе заврши до крајот на март, а во мај ќе се распише тендер за изведување на градежните зафати. Во меѓувреме ќе се рехабилитира магистралниот пат Фаришка клисура-Прилеп и за изградбата на трета лента на Плетвар. Заврши тендерската постапка и во фаза е евалуацијата. Годинава ќе се рехабилитира патот Битола-Меџитлија, а се работи и на експресниот пат – изјави Бочварски.

Претседателот на регионалната стопанска комора од Битола, Мико Велковски посочи дека Пелагонискиот регион е втор по големина со 8300 правни субјекти, со 220 илјади жители, кој создава 13% од БДП и дека во овој регион се произведува 65% од вкупното производство на тутун, 300 илјади литри млеко, што е 90% од вкупното производство.

-Затоа ни се потребни современи инфраструктурни решенија. Ни треба автопатско решение Прилеп-Битола. И современо поврзување со соседството што ќе го зголеми протокот на 250 000 жители од пограничниот регион на Грција и на преку 200000 жители во Албанија – рече Велковски.

Средбата со владините претставници заеднички ја иницираа и ја поддржа регионалните стопански комори на Прилеп и на Битола и градоначалниците Илија Јованоски и Наташа Петровска.