Транспарентноста што пак ќе доведува и до намалување на корупцијата е еден од високо поставените приоритети на оваа Влада. Со таа цел пред нешто повеќе од една година започнавме со креирање на првиот дигитален асистент базиран на вештачка интелигенција – АДА, преку кој компаниите ќе можат да добиваат целосни информации за условите за инвестирање во нашата земја и државната помош која ја нудиме.
АДА ќе ги нуди сите информации за финансиска поддршка по Планот за економски раст. А секако понатаму овој асистент базиран на вештачка интелигенција ќе го учиме и на други услуги кои се важни за стопанството и граѓаните“.
Ова го најави заменик-претседателот на Владата на Република Северна Македонија задолжен за економски прашања, координација со економските ресори и инвестиции, Фатмир Битиќи, во рамки на конференцијата „Година на нови можности“, која се одржа во Скопје.
„Во 2021 година почнав да зборувам со различни донатори како и со моите колеги како да го подобриме системот и механизмот за давање и контрола, поточно како да ја подобриме ефикасноста на државната помош како механизам кој го користиме. Како продукт од тоа, се роди АДА. Дополнително, заедно со Светска Банка ќе започнеме конечно да дигитализираме 11 деловни процеси во 11 различни институции коишто го користат механизмот на државна помош. Ова ќе помогне во зголемување на ефективноста и ефикасноста“, изјави Битиќи зборувајќи за развивањето на АДА, првиот дигитален асистент во јавниот сектор како и Менаџмент информацискиот систем за државна помош.
Во своето обраќање вицепремиерот истакна дека клучно за развивање на дигиталниот асистент АДА, кој набрзо ќе биде промовиран, е тоа што ќе овозможи унифицирани информации достапни во секое време за сите заинтересирани.
„Дигитализацијата е одговор на сите недостатоци што се појавуваат во различни извештаи во однос на борба против корупција и организиран криминал. Единствен начин тоа да го адресираш е преку целосно тргање на страна на човечкиот фактор и секако да го направиш транспарентен целокупниот процес на поддршка на компаниите и инвестициите. Одлучивме дека ќе ја направиме АДА, дигиталниот асистент кој ќе биде првиот асистент кој некогаш е поставен во јавниот сектор. Инаку АДА е промената на дело којшто сите ние треба да ја направиме оваа година и наредните години ако сакаме навистина да стигнеме во растот и развојот кој сакаме да го постигнеме“, изјави Битиќи.
Нашата АДА, рече вицепремиерот, е дигитален асистент заснована на вештачка интелегенција која ќе дава информации за инвестиции која овој месец ќе биде детално промовирана.
„Инаку АДА зборува на три јазици, македонски, албански и англиски и е насловена по АДА Ловлејс, за која се верува дека е првата информатичарка жена што го креирала првиот алгоритам за машините. Затоа сметаме дека АДА треба да биде пионерот во воспоставување на дигиталниот асистент во јавниот сектор кој ќе донесе поголема транспарентност во сите процеси и секако ќе го елиминира човечкиот фактор таму кадешто тој треба да се елиминира“, заклучи вицепремиерот Битиќи.
Дигиталниот асистент АДА се работи преку проект на Фондот за иновации и технолошки развој кој беше спроведен како предизвик за домашната старт ап заедница на кој победи фирмата CodeWell. АДА е првиот дигитален асистент во јавниот сектор во регионот кој работи на вештачка интелигенција, ве води и одговара на прашања за можностите за инвестиции во нашата земја и наскоро истиот ќе биде детално промовиран.