Битиќи и Tренчевска им ветија подобри работни услови и права на работниците

„Ветувам дека заедно ќе ја продолжиме борбата за подобри работни услови, за унапредување на работничките права и за поголеми плати“, им порача денеска на синдикалците министерката за труд и социјална политика Јованка Тренчевска, на првомајскиот протест на ССМ.

Таа и вицепремиерот за економски прашања Фатмир Битиќи беа пред Владата кога пристигнаа учесниците на протестот што го организираше Сојузот на синдикатите на Македонија.

Тренчевска во кусото обраќање потенцира дека трудот на работникот мора да се вреднува и дека работодавачите мора да ги почитуваат своите обврски. Најави и засилени инспекциски контроли, како и казни доколку се утврди дека работодавачите не ја исплаќаат платата законски и на работниците им даваат под 18 000.

„Никој не треба да заборави дека работникот е на прво место, човечкиот капитал е пред се“, рече вицепремиерот за економски прашања Фатмир Битиќи пред учесниците на протестот.

Битиќи од пред Владата, на завршното место на протестот, подвлече дека унапредувањата на правата на работниците не се случува еднаш и засекогаш.

-Треба да се зборува и за еднаквиот третман на мажите и на жените на пазарот на трудот, за безбедноста при работа, како и за сите други права кои се забораваат, посебно за време на кризи, истакна Битиќи, кој заедно со министерката за труд и социјална политика Јованка Тренчевска ги пречека синдикалците.