Битиќи: Од први јули следува враќање на евтината дневна тарифа на електричната енергија

Во интервју за утринската програма на ТВ Телма, вицепремиерот Фатмир Битиќи најави дека од први јули оваа година, граѓаните повторно ќе имаат можност да користат евтина дневна тарифа на електричната енергија, што беше укината на почетокот на 2022.

„Се прават последните анализи дали може да се врати евтината тарифа и тоа најверојатно ќе биде од први јули, порача Битиќи додавајќи дека цената на електричната енергија ја утврдува Регулаторната комисија за енергетика преку соодветни параметри.

Битиќи истакна дека за првпат во независноста на државата сериозно се работи на Национална стратегија за развој која треба да го трасира патот по кој државата треба да се развива.

„Во секоја стратешка област ќе биде јасно разграничено што е тоа што каде сакаме да стигнеме и тоа е визијата и наредниот период ќе се работи на акцискиот план како тоа да се постигне” порача Битиќи.