Заменик-претседателот на Владата на Република Македонија задолжен за економски прашања, координација на економските ресори и инвестиции, Фатмир Битиќи денеска се обрати на годишната конференција со наслов: „Економски предизвици во 2023 година: како да го одржиме економскиот раст и ја трансформираме економијата“ во организација на Советот за унапредување на високото образование и стратешки истражувања во рамки на Стопанската комора на Македонија.
Вицепремиерот Битиќи се обрати на панел дискусија со тема „Како истовремено да оствариме соборување на инфлацијата и раст на економијата“. На прашање на модераторот на панелот, професорот Бишев, кои се приоритети за нашата економија, вицепремиерот Битиќи се осврна на претходните 3 години на предизвиците и лекциите низ кои поминавме и наученото од нив, осврнувајќи се на главниот приоритет на нашата економија, а тоа е прашањето – Дали во 30 години сме успеале да направиме економија која е доволно конкурентна и која е доволно еластична за да се справи со кризи и непредвидливи ситуации. Одговорот е и да и не, посочи Битиќи.
„Да, имаме таква економија бидејќи последните години ни потврдија дека е издржлива, отпорна и може да преживее и големи и непредвидливи кризи како ковид и оваа енергетска криза, но од друга страна недоволно бидејќи се уште сме увозно зависни и се соочуваме со недостаток на ресурси“, рече вицепремиерот Битиќи.
Тој се осврна на неколку краткорочни и долгорочни цели на кои мораме да се фокусираме доколку сакаме конкурентна и жилава економија која ќе носи кон развој.
„Имаме неколку краткорочни приоритети на кои работиме веќе од вчера, денеска, утре. Првата е намалување и одржување на стапката на инфлација, без притоа економијата да влезе во рецесија.
Вториот приоритет е енергетска стабилност и диверзификација, притоа не заборавајќи на социјалниот аспект или праведната транзиција, како никој не би бил оставен изложен на ценовен шок и незаштитен. На ова работиме посветено и резултатите се веќе видливи, да не ги повторувам ги спомена и премиерот во своето обраќање.
Сметам дека финансиската поддршка за одржување на ликвидноста на компаниите треба да продолжи и следната година. Владата претходната година силно го помагаше стопанството што придонесе со одржување на економската кондиција и задржување на работните места, дополнително и инвестиции за зголемување на нивната конкурентност преку отворање на нови производни линии, унапредување на технологијата и инвестиции во истражување и развој. Справување со недостигот на работна сила е прашање кое ќе мораме да го отвориме следната година, затоа го ставам во краткорочни приорите но ќе премине во долгорочно размислување и развој на економијата“, истакна Битиќи.
Вицепремиерот Битиќи ја продолжи дискусијата кон подолгорочните цели за развој на нашата економија и држава воопшто.
„Овие долгорочни приоритети треба да водат кон креирање предвидливост и промена на структурата на нашата економија“, посочи Битиќи, кој спомена во своето обраќање дека исклучително важен чекор е започнувањето со креирање на Националната развојна стратегија, која нема да биде само економски документ, туку стратегија која ќе мапира пат за целокупен развој на нашата земја за следните 20 години.
„Краткорочна цел во која треба да гледаме, а која ќе има долгорочни ефекти е покачување на продуктивноста и соодносот со платите но и конечно мораме да зборуваме за отворање на нашиот пазар на труд“, порача Битиќи, кој обраќајќи се кон присутните во салата истакна дека нема некој во просторијата, односно нема компанија која не се бори со недостаток на работна сила.„Моја заложба е на пролет оваа година да ја отвориме целосно дискусијата како и Оперативниот план за вработување за квотата за странци во нашата земја. Сметам дека е време да го отвориме нашиот пазар на труд, со цел, зголемување на конкурентноста а знаеме дека за зголемување на конкурентноста клучен е човечкиот фактор“, заклучи Битиќи.