На денешната прес-конференција заменикот на претседателот на Владата задолжен за економски прашања, координација на економските ресори и инвестиции, Фатмир Битиќи и министерката за труд и социјална политика, Јагода Шахпаска ги презентираа дел од мерките на четвртиот пакет економски мерки за ревитализирање на економијата во услови на ковид-19.
– Мислам дека во целиот сет инклузивниот пристап во креирањето на мерките е јасно видлив, како и фактот дека државата е партнер на граѓаните и стопанството и дека помошта ќе стигне онаму каде што е потребно – рече Битиќи.
Тој потенцираше дека преку претходниот сет со мерката за плати биле подджани преку 20.000 компании, а кои вработуваа 120.000 вработени.
– Оваа мерка ќе продолжи и во последниот квартал, односно до крајот на годината, поточно месеците октомври, ноември и декмеври. За оваа мерка сметавме дека е важно, покрај солидарноста да бидеме свесни и за правичноста, па затоа има и мали измени во методологијата за добивање на помош за исплата на плати – вели Битиќи.
Според него, таа ќе се спроведува скалесто, согласно падот на приходите кај компаниите. Периодот на пад на приходите ќе се пресметува за периодот од април до август, споредено со истиот период од минатата година.
– Па така компаниите кои прикажат пад од 30 до 40 проценти ќе добијат 14.500 денари поддршка. За намален приход од 40 до 50 посто ќе добија поддршка од 15.950 денари, за 50 до 60 посто ќе имаат поддршка од 17.410 денари, за 60 до 70 проценти ќе добијат 18.865 денари, за намален приход од 70 до 80 проценти поддршката ќе изнесува 20.320 денари, а оние со пад од над 80 проценти поддршката ќе изнесува 21.776 денари – рече заменикот на претседателот на Владата.
Тој посочи дека досега спроведените мерки даваат резлутати, а според Заводот за статистика резултатите од инстриското производство, кое во август, како и во претходниот месец, покажува сериозни знаци за закрепнување од првичниот удар од коронакризата.
– Поддршката за минималната плата, заедно со дистрибуцијата на платежните картички исклучиво за купување на домашни производи резултираа со намалување на падот во индустриското производство на едноцифрено ниво во јули и август, и трендот и очекувањата се дека трендот ќе биде неутрализиран на крајот на третиот квартал – рече Битиќи.