
Актуелните состојби со ширењето на коронавирусот, ригорозните мерки кои забрануваат секакви јавни собири ги принудува политичките партии да бараат алтернативни начини за да ги испратат своите пораки до гласачите.
По средба во Владата со техничкиот премиер Оливер Спасовски и министерот за здравство, Венко Филипче лидерите на политичките партии обединети во изјавите дека ќе ги почитуваат мерките и нема да организираат собири со граѓаните.
Лидерите велат во овој период додека трае забраната ќе ги користат во најголема мера социјалните медиуми за да ги претстават своите програми и да ги запознаат граѓаните со своите кандидатите за пратеници.
„Не се разгледа можноста да одложување на изборите. Она за што го разговаравме е да имаме преадаптирање на изборната кампања. Немаше разговор по таа тема за одложување. Ќе имаме алтернативен начин за водење на кампањата, преку социјалните медиуми, преку мас медиумите, така натаму. Од врата на врата, поинаков начин, поинаков пристап“, вели лидерот на ВМРО ДПМНЕ, Христијан Мицкоски по средбата.
Партиски митинзи ќе нема се додека трае забраната за јавни собири.
„Препораките од Владата и забраната се активини и мора да се почитуваат. Се додека има забрана, митинзи нема да се одржуваат. треба да ги почитувате законите во оваа држава, не може да делувате волунтеристички“, кажа Мицкоски.
СДСМ, ќе ги почитува препораките и мерките на Владата, вели претседателот на партијата, Зоран Заев.
„СДСМ своите предизборни активности ќе ги води преку медиумите, социјалните мрежи и преку лајфстримиг“, рече Заев.
Партиите и досега во голема мера ги користеа социјалните мрежи како Фејсбук, Инстаграм, Твитер и видео платформата Јутуб во текот на предизборните кампањи во изминатите неколку години. Но, се чини дека во пресрет на изборите на 12-ти април интернет комуникацијата со гласачите ќе биде најкористен начин за да се допре до гласачите.