Руската офанзива против главниот град на Украина Киев продолжи во раните утрински часови, соопшти украинската војска, пренесува германската агенција ДПА.
Во северниот дел на Киев, руската војска се обидувала да изгради понтонски мост за да ја премине реката Ирпин, објави Генералштабот на украинската војска на Фејсбук. Од Генералштабот додаваат дека имало уште еден неуспешен обид да се заземе градот Ирпин, во непосредна близина на Киев,.
ДПА го пренесува соопштението на руската нова агенција Интерфакс дека руските војници напредувале од јужниот украински град Керсон кон Миколаев.
Во меѓувреме, украинската државна служба за комуникации во објава на Телеграм соопшти дека проектил погодил резиденција во украинскиот град Чернихив во близина на границата со Белорусија. Деталите за воениот развој не можеа да се проверат од независни извори, потсетува ДПА..
Украинското Министерство за внатрешни работи извести за 352 загинати цивили, вклучително и 14 деца, откако Русија го започна нападот во раните утрински часови во четвртокот.
Според податоците на Министерството, до синоќа се ранети 1.684 лица, вклучувајќи 116 деца.
Украинската војска соопшти дека „загубата“ на рускиот персонал сега изнесува околу 4.500 војници и дека се уништени руски хеликоптери, тенкови и други воени возила.
Русија призна дека имало смртни случаи меѓу нејзините војници за време на борбите во Украина, но не наведе бројка.
Мировни преговори се закажани за денеска, меѓу делегации од руска и украинска страна, кои ќе се одржат на украинско-белоруската граница.
Постојат шпекулации дека Белорусија би можела официјално да се приклучи на војната на страната на Русија, откако украинската новинска агенција UNIAN објави дека белоруските падобранци добиле наредба да заминат за Украина, цитирајќи информации од Андреј Стрижак од белоруската невладина организација Бисол.
Западните сили одговорија со остри санкции, а американскиот претседател Џо Бајден се очекува денеска да има нов телефонски разговор со сојузниците од Европа заради координација на понатамоѓшниот одговор на инвазијата на Русија.