Зоран Николовски, архитект и поранешен директор на НУ Завод и музеј – Битола е роден на 14.10.1968 годин во Битола, средно училиште за архитектура завршил во Битола и Архитектонски факултет во Скопје. Неговото прво вработување е во битолскиот музеј во 1999 година. Во брак е, и татко на две деца. На социјалните мрежи и меѓу своите сограѓани стана препознатлив со неговите идеи и архитектонски решенија кои меѓу другото како и визијата за родниот град ги претставува во разговорот за НетПрес, а коишто многу би придонеле за поубава Битола.
*Г-дин Николовски, Вие сте вработени во Нациомалната установа Завод и музеј од Битола, како архитект, каде во еден мандат бевте и на чело на таа институција. Зошто само еден мандат, по кој се повлековте?
– Дa бидам искрен, мислам дека еден мандат од четири години, му е доволно на кој и да е раководител за да ја исполни својата цел, нормално, ако се пријавил на таа функција со некоја цел. Јас мојата цел ја исполнив во тој еден мандат. Мојата цел беше да направам музејска поставка, каде ќе бидат изложени најголем број од артефактите што долги години беа скриени од очите на јавноста, во депоата на битолскиот музеј. По завршувањето на тој огромен зафат, кој траеше три години, мојата институција ја доби престижната награда на Меѓународната асоцијација на музеи „ICOMOS“, за најдобар „Музеј на Балканот“ за таа година.
Секој човек треба да си ја знае мерката. Мојата кандидатура за директор во НУ Завод и музеј од Битола, не беше за моја лична популаризација и реализација. Јас сум реализирана личност, вработен во Битолскиот музеј како архитект веќе дваесет години и исто толку години хонорарен сценограф во Македонска опера и балет. Јас само сакав да ја издигнам мојата институција Завод и музеј на повисоко ниво, и во тоа целосно успеав. По тој успех, беспредметен беше мојот натамошен престој на директорската позиција. Не сум љубител на фотлји.
*Нашите сознанија се дека во депоата на Битолскиот музеј има уште многу значајни работи кои не се изложени. Какво богатство сѐ уште се крие во депоата на Вашата установа?
– Во новата музејска поставка, на површина од 1.000 м², изложени се близу 1.200 артефакти. Но, сѐ уште депоата на Битолскиот музеј се преполни со археолошки предмети од сите периоди на постоењето и исклучителни предмети од новиот век и современото живеење. Од праисторија, па до денес. Но, тоа е така и во многу поголеми музеи од нашиот. Така и треба да биде. Секогаш депоата треба да бидат побогати од витрините во музејските поставки.
Куриозитет на Битолскиот музеј е што во нашите витрини е изложен најстариот артефакт на Балканот од периодот на Неолитот „Куќата од Породин“, стара повеќе од 8.000 години, а сама посебе оваа куќа е неповторливо архитектонско чудо. Македонија има најстар Неолит во Европа, и логично е што сѐ започнува од тука, од Битола, од Македонија.
*На социјалните мрежи се појавија многу Ваши идеи и проекти, за тоа, како може да изгледа Битола. Каква е Вашата визија на таа тема?
– „Битолчанец не е географска одредница, битолчанец е состојба на духот“. Имајќи ја предвид оваа умешна литературна кованица, секој човек кога ќе се доведе во ситуација да размислува или да твори на „темата Битола“, задолжително е да се однесува со пиетет и гордост.
Моите архитектонски идеи и проекти, се само одраз на мојата љубов кон моето родно место и значењето на пиедесталот, што Битола недвосмислено го заслужува. Тоа е длабоко во мене, во мојата ДНК. Многу слоевито е историското и културно минато на Битола, и затоа Битола мора да добие поинаков однос, и повисок статус од досегашниов. Битола, длабоко во нејзините испреплетени мултиетнички и културно-историски корени, е своевидна „држава во држава“, во споредба со другите населени места во Македонија. Единица мерка во архитектурата не е 1см. Единица мерка е еден ЧОВЕК. А кога се проектира за еден човек од Битола, е тоа е посебна привилегија и чест.
*Дали Битола ќе има повторно шанса да биде тоа што била некогаш?
– Битола го има потенцијалот и темелот, како ретко кој град. Компаративна анализа на минатото со иднината, не е можна, а и не е благодарна, бидејќи станува збор за огромна временска рамка, во која се случиле безброј настани, како историски, социолошки, така и куртуролошки. Многу цивилизации и војски минале низ Битола, и сите тие оставиле своја неизбришлива трага и печат врз нашиот град. Многу значајни личности, гости и патеписци го моделирале нашето однесување и живеење. Но, во едно сигурен сум, и бескомпромисно верувам; а тоа е дека Битола го заслужува сјајот на големите европски метрополи, во секој поглед.
Посакувам и денешните млади генерации, во иднина, носталгичното сеќавање за нивната младост да ја започнуваат со реченицата: „Ееее… во наше време“…. Тоа е исклучително комплексен проект, што не може да се оствари за кратко време, но и најдолгиот пат, започнува со првиот чекор. Чувствувам дека сега е вистинското време – ДА ЗАЧЕКОРИМЕ !
*Што мислите, според Вас што ѝ недостига на Битола?
– Насмевката и општото расположение им недостига на моите сограѓани. Тоа му недостига и на мојот град. Тоа е изгубено во изминативе десеттина години. Расположението секогаш доаѓа со исполнетите желби, без разлика дали станува збор за поединец или колективитет.
А, желбите на граѓаните, според мене, насочени се во две категории: Социјална и инфраструктурна. Сакаме експресно да завршиме било каква обврска, на кој било шалтер, да бидеме културно услужени, но притоа да се движиме по средени и чисти улици, паркови или булевари. Моите сограѓани сакаат нашите деца да учат во чисти градинки или училишта, и притоа да јадат здрава храна. Тие исто така, сакаат слободното време (надвор од секојдневните обвски) да го поминуваат или на велосипетски патеки, или на трим патеки, или во затворен базен.
Не е помал бројот на оние кој сакаат своите деца да тренираат некој од актуелните спортови, во современ спортски центар. Сакаат експресно да стигнат до нашата планинска гордост Пелистер, да се скијаат во современ ски-центар, или рекреираат, но притоа да се возат по нов регионален пат, проширен и реновиран. Сакаат и летни и зимски одморалишта, како за поединци, така и за семејства. Сакаат чист воздух, уредени, чисти и осветлени улици, сакаат. Сѐ сакаат! А, зарем е тоа многу – не! А, знаете ли зошто тоа не е многу? Затоа што тие тоа го заслужуваат.
*Кои се Вашите планови за во иднина и што е потребно за успех?
– Зборот „план“, е архитектонски синоним. Тој во себе го содржи сиот биографски запис на една личност. Да се планира, тоа значи постојано да се работи и да се твори. Битола е неограничен, и бескрајно инспиративен простор. Творечкиот однос, кон ова поднебје ме обврзува, постојано и постојано да размислувам и проектирам за моите сограѓани. Секој агол, секое делче од градот, треба да биде во служба на своите жители. А потребите се најразлични, од предшколска воздраст, па сѐ до пензионерските денови. Сите имаат свои потреби, и не случајно Битола е – БАБАМ – Битола. Битола – ТАТКОВИНА – Битола.
А рецепт за успех? Тоа не постои. Никој ја нема тапијата на успехот. Во суштина, човек и не треба да трча по успехот. Успехот е неминовност, (и сам по себе), последица на вистинскиот ПЛАН.
*Во градот ве споменуваат како еден од можните кандидати за градоначалник од партијата ВМРО-ДПМНЕ. Ќе ја имате ли таа шанса?
– За тоа е сѐ уште е рано да се зборува. Доколку ги добијам симпатиите од граѓаните и поддршката од мојатата матична партија ВМРО-ДПМНЕ, тогаш ќе можам да ви одговорам. Сега е, сѐ уште, многу рано.