Битола, Новаци и Могила ќе се топлат на парно, се поставуваат цевки од топловодот од РЕК Битола

Започна поставувањето на цевките од топловодот од РЕК Битола до Битола. Со засилен интензитет се подготвува трасата низ која ќе поминува топловодот кој ќе обезбеди топлинска енергија за Битола, Новаци и Могила – трите општини во близина на РЕК Битола, информираат од АД ЕСМ.
„Првите цевки се поставени на излезот од РЕК Битола кон Новаци и тие треба да ја прифаќаат топлинската енергија која се создава како нус производ во текот на производството на електрична енергија и да ја спроведуваат во системот за парно греење на трите општини“ соопштија од АД ЕСМ.
Изведувачите на работите, фирмите Рапид Билд и Гранит во оваа фаза имаат трасирано повеќе од два километра од топловодот, обезбедувајќи работен простор за машините кои ги транспортираат и поставуваат цевките.
Почетокот на проектот Топлификација на Битола, Новаци и Могила беше означен во декември минатата година. Тој е во вредност од 46 милиони евра, од кои 39 милиони се кредит од германската KfW банка, а 7 милиони се средства на АД ЕСМ. Рокот за изведба на проектот е две години.

„Согласно планот, на почетокот на топлификацијата ќе се приклучат 35 општински и државни институции во Битола кои ќе искористат една третина од капацитетот на системот. Со другите две третини ќе се задоволат потребите на големите станбени и деловни згради и на индивидуалните куќи во Битола, Новаци и Могила“, соопштија од АД ЕСМ.
Додаваат дека, еколошките придобивки од топлификацијата се исклучително значајни. Со воведување на ваков вид на греење во голема мера ќе се исфрли од употреба загревањето на горива кои загадуваат, како во институциите, така и во домовите.
Топловодот дополнително ќе даде можност и за загревање на земјоделски оранжерии, со што ќе се обезбеди поддршка на развојот на земјоделството во пелагонискиот регион.