Битолчанец ја запалил куќата на брат му

Битолчанец бил приведен под сомнение дека подметнал пожар во куќата на својот брат, по што пожарот се проширил на соседните две куќи, вчера во Битола, информираше МВР.

Пожарот околу 22 часот избувнал на улицата Дебарска, кај браната. Интервенирано било од страна на Територијалната противпожарна единица Битола, при што едната куќа била целосно изгорена, а двете биле делумно изгорени. Во врска со настанот во полициска станица било приведено едно лице од Битола за кого се претпоставува дека го подметнал пожарот. Увидот ќе продолжи во текот на денешниот ден и се превземаат мерки за целосно расчистување на случајот, велат од МВР.

Според битолчани, пожарот настанал откако после меѓусебна расправија заради имотно-правни односи, еден од браќата од првата куќа, која целосно изгоре, истата ја запалил со бензин. Без покрив на главата остана семејство со три малолетни деца.

Сепак, жителите на улицата ја обвинуваат противпожарната единица дека пристигнала многу доцна, а тие во меѓувреме се обиделе да гаснат со црево. Не само што пристигнала доцна, туку и немале доволно вода, велат жителите. Обвинуваат и дека со противпожарното возило на еден од соседите му ја скршиле раката.