
Четириесет и две годишниот битолчанец, кој два дена се лекува на Клиниката за токсикологија, е отруен со корозивно средство, а од Клиниката потврдиле дека станува збор за средство за миење садови. Тоа му се случило откако нарачал чаша кисела вода во познат угостителски објект во Битола, но наместо вода, му бил даден концентриран калиум и натриум хидроксид, чијшто двопроцентен раствор се користи за машинско миење на садови.
На битолчанецот му е оштетен хранопроводот и желудникот. Тој прво побарал помош во битолската болница, но поради тежината на состојбата бил префрлен во Скопје.
Доктор Ридван Бајрами, директор на Клиниката за токсикологија, претходно денеска потврди дека пред два дена примиле пациент од Битола, кој изјавил дека го отруле во кафуле откако нарачал кисела вода и се напил само една голтка, по што почуствувал дека тоа не е вода. Тој додаде дека пациентот е на опсервација бидејќи последиците од овие токсични материи се чуствуваат подоцна. Од скопска Токсикологија рекоа дека пациентот бил донесен во тешка здравствена состојба.
Во тек е истрага која треба да утврди како ова корозивно средство се нашло во пијачката која му била дадена.
За настанот бил запознаен јавен обвинител, а увид извршила екипа на СВР-Битола. Се преземаат мерки за расчистување на случајот,информираа од Министерство за внатрешни работи.