Бизнимени од Филаделфија ќе ги запознаат можностите за инвестирање во земјава

Вицепремиерот за економски прашања, Владимир Пешевски, и директорот на Агенцијата за странски инвестиции и промоција на извозот, Висар Фида, од денеска престојуваат во Соединетите Американски Држави, во посета на шест градови, каде ќе ги презентираат можностите и поволностите за инвестирање во Република Македонија и ќе одржат директни средби со потенцијални американски инвеститори.

Филаделфија е првата дестинација на македонската делегација, каде ќе бидат остварени средби со највисокиот врв на неколку глобални компании од областа на производството на кондиторски производи, фармацијата и медицинските помагала.

Директните средби, имаат за цел да им овозможат на претставниците на компаниите директно и детално да се запознаат со инвестициските можности и предности кои ги нуди Република Македонија, а на македонската делегација да се запознае со нивните планови за идни активности и инвестиции во Европа.

Во состав на делегацијата се амбасадорот на Македонија во САД, Зоран Јолевски и економскиот промотор на Македонија во САД, Дејан Величков.

Од Филаделфија делегацијата продолжува кон Питсбург, а планирана е и посета на градовите Јангстаун, Акрон, Синсинати и Луисвил.