Бизнисмен измамен од лажен претставник на УНДП

Скопјанец паднал на измама на сограѓанин, кој лажно се претставил дека работи за УНДП и му зел над 3.000 евра за да заврши работа да му бидат донирани камиони, информираше МВР.

Измамата ја пријавил А.С.(44), кој од март до април годинава од Б.Н. бил измамен и оштетен за 356.397 денари.

Според оштетениот, двајцата случајно се запознале во Штип, каде што Б.Н. се претставил како претставник на УНДП за Македонија и дека е одговорен за одобрување на проекти за помош на фирми. По една година се слушнале затоа што А.С. бил сопственик на приватна фирма и бил заинтересиран за добивање донација- набавка на товарни возила.
Изамникот му ветил дека ќе завршат работа за што во неколку наврати му побарал 2.100 евра. По некое време Б.Н. му покажал меил, дека му била одобрена донација од две товарни возила и дополнителни 360.000 денари за набавка на трето возило.
Во текот на комуникацијата Б.Н. му кажал на А.С. дека бил вработен во МВР како помошник на помошникот на Оддел за внатрешна контрола во МВР, но поради обврските во УНДП планира да даде отказ во МВР. Тој му предложил да го вработи на неговото работно место. За вработување А.С. му дал 74.000 денари на измамникот. Исто така, Б.Н. му кажал дека за вработувањето било задолжително да поседува мобилен телефон „Ајфон Х“ бидејќи биле најбезбедни и му побарал да му купи „Ајфон 7“ и разликата ќе ја отплаќа на рати. На ова А.С. се посомневал и на следното видување со Б.Н. му ги побарал парите, но тој си заминал. Се преземаат мерки за расчистување на случајот.