Стопанската комора на Македонија бара да се зголемат средствата од Буџетот за финансирање на образованието, од сегашните 3,7 проценти од БДП, на 5 проценти од БДП. Со повеќе средства за финансирање на образованието ќе се одвојуваат повеќе пари по ученик, ќе се инвестира повеќе во условите за подобрување на образовниот процес и ќе се зголемат платите на наставниците како најодговорни за создавање образован и стручен кадар што може да повлече економски развој и раст на државата.
Средствата што сега се одвојуваат, велат од Комората, не само што не се доволни, туку се и далеку од просекот на ОЕЦД.
– Доколку државата сака да има квалитетно образование кое ќе испорачува стручни и квалитетни кадри мора да ги зголеми инвестициите во образованието. Со образованието не смее да се експериментира ако сакаме да имаме економски развиена и богата држава, рече на прес-конференција Наташа Јаневска од Стопанската комора на Македонија.
Образложувајќи го барањето за зголемување за 50 проценти од средствата што се издвојуваат сега, Јаневска наведе дека од 2011 до 2016 година трошоците за образование во државата се намалиле од 4,6 проценти на 3,7 проценти од БДП. Просекот на земјите во ОЕЦД е 5 проценти од БДП, а нашата земја одвојува за 25 проценти помалку средства. Словенија одвојува 4,3 проценти од БДП или 14 проценти помалку од просекот на ОЦЕД, а Финска 5,7 проценти од БДП или 35 проценти повеќе од нашата држава.
Во Македонија малку инвестира во образованието по ученик или, во основното образование лани се инвестирале 995 долари, во средното 1.355, а во високото образование 1.198 долари по ученик. Просекот во ОЕЦД изнесува 8.500 долари во основното, 10.100 долари во средното и 15.500 долари по ученик во високото образование.
Според податоците од Државниот завод за статистика, лани реалната исплатена нето плата во основното образование изнесувала 394 долари, во средното 445 долари, а во високото образование 626 долари.
– Споредено со просекот за плати во ОЕЦД кој изнесува 3.075 долари за наставниците во основно образование, а 3.384 долари во средно образование, нашите наставници земаат 2.681 долар помалку во основното и 2.393 во средното образование, рече Јаневска.