Бизнисмените стравуваат како ќе преживеат со цените за струја

Поради енормно високата цена на електричната енергија македонското стопанство е пред вистински колапс. Доколку компаниите не добијат субвенционирана струја од државата прашање на време било само кога ќе се започне со масовно затворање и отпуштање на вработените. Во моментов во просек струјата се купувала по 500 до 600 евра за мегават час, а некогаш во ноќните часови цената и достинувала и 900 евра. Според бизнисмените нити едно стопанство не може да го издржи ова.

„Во нашето опкружување сите држави на Балканот веќе имаат одредена субвенционирана струја. Ценовниот шок е толку голем што ниту една компанија не може да го апсорбира, да ја апсорбира таа разлика на цена. Ако ви кажам дека сега цената на струјата во Србија што се нуди на правните субјекти на поголеми компании е фиксна од 95 евра. Нашата економија како ќе биде конкурентна на овој простор, посебно во индустријата на прехрана и пијалоци нека ми објасни некој ако знае“, рече Сашо Самарџиоски, потпретседател на Регионална стопанска комора Прилеп.

Компаниите бараат од Владата под итно да преговара со ЕУ за добивање на поефтина електрична енергија и побрзо имплементирање на ветувањето да добиваат струја која ќе ја плаќаат максимум по 250 евра за мегават час, а останатото ќе биде покриено од државата. Велат дека ако не затворат тогаш мора да ги покачат цените, да ја укинат третата смена и други мерки со што автоматски стануваат неконкурентни на пазарот.

„Гледате дека останатите компании кои се од нашата индустрија, од прехрамбената индустрија веќе цените на производите се покачени и неправедно во јавноста кога се осудуваат дека се тие профитерите на оваа криза, производителите на храна не се профитери од енергетската криза, тие се жртви и ако сакаат да опстанат една од мерките е да ги покачат цените на своите производи. Ако не, клучот на врата“, вели Жарко Качаков, директор во прехрамбена индустрија.

„Затворање на погони и испуштање на работници не, но сепак мислам дека може да се доведе до ситуација на укинување на трети смени, избегнување на работа во сабота итн“, додаде Филип Велески, директор на текстилна компанија.

Некои компании веќе инсталирале и соларни панели, но велат дека со нив произведуваат само 20-тина проценти од потребите на струја, така што тоа не било доволно да се амортизиира овој голем удар што им се случувал, особено што доаѓаат месеци кога ќе има помалку сончева енергија.