Земјите од Западен Балкан би можеле да имаат корист од трендот на враќање на производството од Азија во Европа, оценува Виенскиот економски институт (WIW) во студија „Стануваме посилни по ковид-19: Потенцијал за приближување на земјите од Западен Балкан“.
Студијата е подготвена во соработка со стопанските комори во регионот, а е финансирана од германското Министерство за економска соработка и развој.
Според авторите на студијата, овој тренд на враќање на производството од Азија во Европа може да биде од корист на земјите од регионот и да им донесе директни инвестиции од неколку милијарди евра.
Сепак, за да се постигне тоа, сметаат економистите, земјите од регионот мора да вложуваат во образовниот систем и изградбата на транспортна инфраструктура.
– Како резултат на протекционистичките тенденции во светската трговија, уште минатата деценија е почнат процесот на враќање на производството од Азија во близина на старите индустриски земји – изјави Бранимир Јовановиќ, коавтор на студијата на нејзината презентација.
Според него, тој процес ќе се интензивира во Европа по пандемијата.
– Економиите на Западен Балкан би можеле јасно да профитираат од враќањето на производството, доколку го реализираат својот дел од задачата – вели Јовановиќ.
Тоа според него, јасно го покажа истражувањето на Германската стопанска комора
– Иако само мал дел од анкетираните компании спроведуваат промена во синџирот на снабдување и производство, ова може да донесе повеќе милијарди долари директни инвестиции во земјите од Западен Балкан – посочува тој.
Тој потсетува дека германските компании инвестираа 2,5 милијарди евра во Западен Балкан и 1,7 милијарди евра низ светот во периодот од 2010 до 2019 година.
– Овој податок покажува дека има уште многу простор за другите западноевропски инвеститори, како што се Холандија, Швајцарија и Австрија – вели Јовановиќ.
Студијата им препорачува на земјите од Западен Балкан, покрај отстранувањето на „старите проблеми“, како што е политичката нестабилност, да го променат и инвестициското опкружување.
– Пониските трошоци за плата и ниските даноци повеќе не играат одлучувачка улога. Странските инвеститори првенствено бараат добро квалификувана работна сила и инфраструктура – рече Јовановиќ.
Според него, ова бара поголеми расходи за образовниот систем, зголемен фокус на двојното образование и изградба на транспортна инфраструктура.