Бизнисот со посредување за бугарски пасош и натаму „цвета“, за 800 евра и две до три години процедура

Социјалните мрежи се преплавени со оглаи и понуди за посредување за брзо и лесно добивање бугарско државјанство за македонските граѓани, но и на сајтовите за огласување, агенции и поединци им нудат на македонските државјани успешно вадење на бугарски документи.

„Бизнисот“ со бугарските државјанства, кој е особено актуелен изминативе десетина години, не мирува ниту деновиве, кога стануваат се’ пожестоки препирките на релација Скопје – Софија. Историските спорови помеѓу двете земји, кои резултираа со вето за европската интеграција на Македонија, се прелеаја и во меѓусебни обвинувања во земјата – „трн в око“ повторно се двојните државјанства, пишува „Слободен печат“.

На десетици страници секојдневно се јавуваат граѓани коишто бараат информации како полесно да дојдат до документи. Посредниците, зад кои некогаш се кријат агенции, другпат поединци или групи со добри контакти во соседна Бугарија, за цена од 600 до 800 евра им нудат остварување на европскиот сон на многу македонски државјани. Се ветува дека постапката би можела да заврши за две до три години.

Дел од групите кои посредуваат за документи се јавно отворени и пристап до нив имаат сите, некои пак се приватни и за влез во нив треба да ви биде одобрено членство. Не се малку ниту оние коишто се огласуваат на страниците за реклами.

Од информациите што може да се добијат од агенциите за посредување при вадење бугарски документи, се дознава дека постапката се одвива во неколку фази.

Фаза 1

Апликантите прво поднесуваат извод на родени, извод на родители, извод или посмртница на дедо или прадедо, којшто треба да е роден од 1900 до 1918 година.

Фаза 2

Во втората фаза се бара и лекарско уверение, документ за неосудуваност и копија на пасош.

Од апликантите се бара и документ за докажување на бугарското потекло на претходник на подносителот (мајка, татко, баба, дедо и слично), како и декларација за бугарска национална свест.

Агенциите коишто посредуваат, објаснуваат дека станува збор за официјален документ, издаден од бугарски, или странски орган врз основа на Изводот од матична книга на родени, регистар на население и слично, а кој содржи податоци за бугарското потекло на лицето, или негови претходници. Ако нема таков документ, тогаш се доставува Потврда за бугарско потекло, издадена од Државната Агенција за Бугарите во странство.

Крајната фаза е лично поднесување на документите во Софија.