На европските берзи во понеделник претпладнето се тргува претпазливо, а индексите благо паднаа, бидејќи станува сѐ појасно дека американската централна банка ќе го забави темпото на намалување на каматните стапки оваа година.
Индексот STOXX 600 на водечките европски акции во претпладневниот пресек од тргувањето беше во минус за 0,2 отсто, губејќи дел од минатонеделните добивки. Лондонски FTSE индекс се намали за 0,19 отсто, на 8.230 поени, додека франкфуртски DAX се лизна за 0,23 отсто, на 20.168 поени, а париски CAC за 0,28 отсто, на 7.410 поени.
Цените на акциите паднаа и на азиските берзи. Азиско-пацифичкиот берзански индекс MSCI беше во минус од 0,5 отсто во истиот момент од тргувањето како и на европските берзи, продолжувајќи ја негативната серија втора седмица по ред. Претпладнево цените на акциите во Шангај, Јужна Кореја, Австралија и Хонгконг се лизнаа меѓу 0,2 и 1,2 отсто. Во Јапонија поради празник берзата не работи.
Индексите го следат остриот пад на цените на акциите на Волстрит во петокот, кога беше објавено дека бројот на работни места во САД се зголемил за 256.000 во декември, околу 100.000 повеќе отколку што очекуваа аналитичарите, при што стапката на невработеност се намали од 4,2 на 4,1 отсто.
Овие податоци покажуваат дека пазарот на трудот останува силен, па може да се очекува раст на платите и потрошувачката. А тоа би можело да го поттикне растот на инфлацијата или да го задржи на покачени нивоа.
Како резултат на тоа, очекувањата за намалување на каматните стапки се намалени на финансиските пазари, што предизвика пад на цените на акциите и пораст на вредноста на доларот во однос на кошницата валути на највисоко ниво во последните две години.
Се верува дека Fed нема да ги намали каматните стапки додека не стане појасно каква е судбината на инфлацијата. Имено, новоизбраниот американски претседател Доналд Трамп наскоро ќе ја преземе функцијата, а неговите политики би можеле да го поттикнат економскиот раст, но и да ги зајакнат инфлаторните притисоци.