На Волстрит берзанските индекси благо паднаа во понеделникот, во периодот кога инвеститорите очекуваат нови вести кои би можеле значително да го раздвижат пазарот.
Цените на акциите вчера паднаа и на европските берзи. Лондонскиот FTSE индекс ослабе за 0,37 отсто, на 7.460 поени, додека франкфуртски DAX се лизна за 0,39 отсто, на 15.966 поени, а париски CAC 0,37 отсто, на 7.265 поени.
Во Њујорк, пак, индексот Dow Jones загуби 0,16 отсто, на 35.333 поени, додека S&P 500 се лизна за 0,20 отсто, на 4.550 поени, а индексот Nasdaq 0,07 отсто, на 14.241 поен.
Во поголем дел од ноември индексите забележаа силен раст, бидејќи поради слабеењето на инфлацијата во САД на пазарот преовладуваше тезата дека американската централна банка го завршила циклусот зголемување на каматните стапки. Дополнително, и покрај острото зголемување на каматните стапки на Fed во текот на изминатата година и половина, најголемата светска економија најверојатно ќе избегне рецесија.
Овие тези со седмици го поддржуваа растот на цените на акциите, но последните денови тргувањето беше повнимателно, а индексите стагнираат.
„Пазарот реши да здивне по силниот раст на цените на акциите во ноември. Оваа седмица инвеститорите ќе се фокусираат на податоците за инфлацијата, втората проценка на американскиот бруто-домашен производ, вестите за потрошувачката и коментарите на челниот на Fed“, смета Том Хејнлин, стратег во „U.S. Bank Wealth Management“.
Во наредните денови најголем дел од податоците за потрошувачката ќе се следат на почетокот на празничната „шопинг“ сезона, која започна на „црниот петок“, а продолжи и на „сајбер понеделникотР.