Благ пад на Волстрит по петте дена раст

На њујоршки Волстрит берзанските индекси благо паднаа во вторникот, по петте дена раст, бидејќи немаше нови вести за поддршка на натамошни добивки на цените на акциите.

Индексот Dow Jones загуби 0,18 отсто, на 35.088 поени, додека S&P 500 се лизна за 0,20 отсто, на 4.538 поени, а индексот Nasdaq за 0,59 отсто, на 14.199 поени.

Цените на акциите вчера благо паднаа и на европските берзи. Лондонскиот FTSE индекс ослабе за 0,19 отсто, на 7.481 поен, додека франкфуртски DAX се лизна за еден индексен поен, на 15.900 поени, а париски CAC 0,24 отсто, на 7.229 поени.

Во фокусот на инвеститорите вчера беше записникот од последниот состанок на американската централна банка, кој покажа дека челниците на Fed сметаат дека треба да бидат претпазливи за натамошно зголемување на каматните стапки. Велат дека би ги зголемиле каматите само доколку не продолжи трендот на слабеење на инфлацијата.

Сепак, тоа не ги поттикна берзанските индекси, бидејќи на пазарот веќе е вградена тезата дека Fed го заврши циклусот на зголемувања на каматните стапки.

По падот три месеца со ред, берзанските индекси силно пораснаа во ноември, достигнувајќи ги највисоките нивоа од крајот на јули. Тоа најмногу се должи на стабилниот тренд на слабеењето на инфлацијата, што ја поддржува тезата дека циклусот на затегнување на монетарната политика е завршен.

Сега најмногу се шпекулира кога Fed би можел да започне со намалување на каматните стапки. Пазарот на пари проценува дека првото намалување на каматните стапки на Fed би можело да дојде веќе во март, а дека во целата наредна година каматните стапки би можеле да се намалат за цел процентен поен.

„Неодамна пазарот силно порасна, а бидејќи денеска немаше вести што дополнително би можеле да го стимулираат растот, некои инвеститори решија да повлечат дел од профитот од пазарот“, вели Мајкл Џејмс, директор во „Wedbush Securities“.

Меѓу најголемите губитници вчера беше малопродажниот сектор, бидејќи синџирот „Lowe’s“ објави послаби од очекуваните квартални оперативни резултати и ги намали проценките за заработката за годината.