![evropski berzi](https://i0.wp.com/netpress.com.mk/wp-content/uploads/2023/11/evropski-berzi.jpg?resize=696%2C392&ssl=1)
Благ раст на бетзите во Европа и Азија пред американскиот извештај за инфлацијата
Европските берзи благо пораснаа во вторникот претпладнето, во претпазливото тргување во очекување на извештаите за инфлацијата во САД, што може да има значително влијание врз насоките на пазарите.
Индексот STOXX 600 на водечките европски акции во првиот дневен пресек порасна за 0,2 отсто. Истовремено, лондонскиот FTSE индекс зајакна за 0,41 отсто, на 7.575 поени, додека франкфуртски DAX се зголеми за 0,19 отсто, на 16.826 поени, а париски CAC за 0,24 отсто, на 7.569 поени.
Цените на акциите пораснаа и на азиските берзи. Индексот MSCI на азиско-пацифичките акции, без јапонските, порасна за 0,5 отсто во истиот период на тргувањето како и во Европа. Истовремено, на токиската берза индексот Nikkei зајакна за 0,2 отсто, додека цените на акциите во Шангај, Јужна Кореја, Австралија и Хонгконг пораснаа меѓу 0,4 и 1,1 отсто.
Така, берзите го следат вчерашниот благ раст на Волстрит, каде Dow Jones и S&P 500 пораснаа за околу 0,4, а индексот Nasdaq за 0,2 отсто.
Седмицава ќе се одржи последниот состанок на челниците на Fed годинава, а со оглед на постепеното смирување на инфлаторните притисоци, речиси никој не очекува зголемување на каматните стапки. Напротив, на пазарие со седмици се шпекулира кога Fed би можел да почне да ги намалува каматните стапки.
Пооптимистичките аналитичари оценуваат дека олабавувањето на монетарната политика во САД би можело да започне веќе во март, додека пореалните го очекуваат кон средината на следната година. Сепак, тоа ќе зависи од трендот на инфлацијата и економијата во наредните месеци.
Во вторник ќе биде објавен извештајот за потрошувачките цени во САД во ноември, а ден подоцна и за цените на производителите. Овие извештаи ќе покажат дали продолжува трендот на слабеење на инфлацијата.
„Доколку податоците покажат дека базичната стапка на инфлација падна на 3,9 отсто на годишна основа или пониска, тоа ќе биде зелено светло за натамошен раст на цените на акциите до крајот на годината. Но, ако основната стапка на инфлацијата е на 4,2 проценти или повисока, може да следи распродажба на акциите“, вели Тони Сајкамор, аналитичар во IG.