Европските берзи благо пораснаа во средата во претпладневното тргување по вчерашниот пад, во претпазливо тргување пред објавувањето на извештајот за инфлацијата во САД, што може да влијае на насоката на пазарите.
Индексот STOXX 600 на водечките европски акции во првиот дневен пресек од тргувањето порасна за 0,2 отсто, враќајќи дел од вчерашните загуби. Претпладнево лондонскиот FTSE индекс зајакна 0,07 отсто, на 8.212 поени, додека франкфуртски DAX се лизна за 0,37 отсто, на 18.330 поени, а париски CAC 0,32 отсто, на 7.430 поени.
А на азиските берзи цените на акциите паднаа. MSCI индексот на азиско-пацифичките без јапонските акции, во истиот период од тргувањето како и во Европа беше во минус за 0,3 отсто. Во исто време, индексот Nikkei се лизна за 1,5 отсто на берзата во Токио, додека цените на акциите во Австралија, Јужна Кореја, Шангај и Хонгконг паднаа меѓу 0,3 и 0,8 отсто.
Инвеститорите не се склони кон поризични инвестиции бидејќи попладнето ќе биде објавен извештај кој ќе покаже како се движела инфлацијата во САД во август. Аналитичарите проценуваат дека потрошувачките цени пораснале за 0,2 отсто на месечно ниво, исто како и еден месец претходно, а дека пораснале за 2,6 отсто на годишно ниво, нешто побавно од еден месец претходно.
Во четврток, пак, ќе бидат објавени податоци за цените на производителите.
Овие извештаи би можеле да влијаат на одлуката на шефот на американската централна банка за каматните стапки на состанокот следната седмица. Повеќето аналитичари очекуваат намалување на каматните стапки за 0,25 процентни поени, но има и такви кои очекуваат поостро намалување за 0,50 процентни поени.
Поради оваа неизвесност, инвеститорите не беа охрабрени ниту од вчерашниот раст на индексот S&P 500 на Волстрит. Дотолку повеќе што утрово фјучерсите на Dow Jones, S&P 500 и Nasdaq индексот паднаа меѓу 0,4 и 0,6 отсто, по телевизиската дебата меѓу кандидатите за претседател на САД, Камала Харис и Доналд Трамп.