Благ раст на европските берзи во претпазливото тргување

На европските берзи индексите благо пораснаа во вторникот претпладнето, но тргувањето е претпазливо бидејќи инвеститорите ја следат ситуацијата на Блискиот исток и чекаат нови вести кои би можеле да ги насочат пазарите.

Индексот STOXX 600 на водечките европски акции во првиот дневен пресек од тргувањето порасна за 0,2 отсто. Истовремено, лондонскиот FTSE индекс зајакна за 0,45 отсто, на 8.365 поени, додека франкфуртски DAX се зголеми за 0,07 отсто, на 18.630 поени, а париски CAC за 0,28 отсто, на 7.610 поени.

Претпазливоо се тргува и на азиските берзи. Индексот на MSCI на азиско-пацифичките акции, без јапонските, во истиот момент од тргувањето како и во Европа беше намален за 0,1 отсто, лизгајќи се од највисокото ниво во еден месец. Истовремено, на токиската берза индексот Nikkei зајакна за 0,5 отсто, додека цените на акциите во Хонгконг пораснаа за 0,2 отсто. Во Австралија, Шангај и Јужна Кореја тие паднаа меѓу 0,1 и 0,3 отсто.

Инвеститорите се претпазливи бидејќи стравуваат од ескалација на конфликтот на Блискиот исток меѓу либанското шиитско движење Хезболах и Израел.

Покрај тоа, вчера паднаа и цените на акциите на Волстрит. Сепак, индексот Dow Jones зајакна за 0,16 отсто, но S&P 500 се лизна за 0,32 отсто, а индексот Nasdaq за 0,85 отсто.

Во исто време, најмногу паднаа цените на акциите во технолошкиот сектор, во просек за 1,1 отсто. Ова главно се должи на падот на цената на „Nvidia“ за повеќе од 2 отсто пред објавувањето на кварталните деловни резултати на производителот на чипови во среда. Инвеститорите стравуваат дека резултатите на „Nvidia“ би можеле да бидат послаби од очекуваното. И се очекува многу бидејќи само силниот раст на добивката и приходите може да го оправда скокот на цената на акцијата од почетокот на оваа година за повеќе од 150 отсто.

Под притисок вчера беа и другите технолошки акции, бидејќи послабите резултати на „Nvidia“ може да ја нарушат еуфоријата поврзана со развојот на вештачката интелигенција, што оваа година доведе до силен пораст на цените на акциите на компаниите како „Microsoft“, „Alphabet“ и „Meta“.