Благ раст на европските берзи втор ден по ред, раст и на азиските

Европските берзи благо пораснаа во петокот претпладнето, втор ден по ред, но претпазливото тргување се должи на објавувањето на американскиот извештај за вработување кое се очекува во попладневните часови, што може да има значително влијание на пазарот.

Индексот STOXX 600 на водечките европски акции во 9,30 часот порасна за 0,4 отсто, зајакнувајќи втор ден по ред. Но во цела оваа недела би можел да забележи уште еден пораз. Лондонскиот FTSE индекс зајакна 0,37 отсто, на 7.478 поени, додека франкфуртски DAX порасна за 0,59 отсто, на 15.159 поени, а париски CAC за 0,40 отсто, на 7.026 поени.

Цените на акциите пораснаа и на повеќето азиски берзи. Индексот MSCI на азиско-пацифичките акции, без Јапонија, во 9,30 часот порасна за 0,6 отсто, растејќи втор ден по ред. На берзата во Токио индексот Nikkei падна за 0,2 отсто, додека цените на акциите во Австралија, Јужна Кореја и Хонгконг пораснаа меѓу 0,2 и 1,5 отсто. Кинеските берзи се затворени во текот на празнувањето на Златната седмица.

На берзите има претпазливост, исто како и вчера на њујоршки Волстрит, кога Dow Jones загуби 0,03 отсто, S&P 500 загуби 0,13 отсто, а Nasdaq индексот 0,12 отсто.

Вложувачите не се склони кон ризици, бидејќи септемврискиот извештај за вработување во САД треба да биде објавен подоцна во петокот. Во анкетата на Reuters, аналитичарите проценуваат дека во тој месец бројот на вработени се зголемил за 170.000, помалку отколку во август кога растот бил 187.000.

Овој извештај би можел да има значајно влијание врз насоките на пазарите, бидејќи може да влијае на очекувањата во однос на понатамошниот развој на каматните стапки. Челниците на американската централна банка во последните седмици повторуваат дека е можно уште едно зголемување на клучните каматни стапки до крајот на годината и дека цената на парите би можела да остане на покачени нивоа подолг период од првично очекуваното поради високата инфлација.

Во четвртокот, Мери Дејли, претседател на филијалата на Fed во Сан Франциско, рече дека централната банка можеби нема да има потреба дополнително да ги зголемува каматните стапки, имајќи предвид дека монетарната политика добро е во рестриктивната област и дека приносите на државните обврзници се зголемени.