Цените на акциите благо пораснаа на европските берзи во средата во претпладневното тргување, бидејќи инвеститорите беа охрабрени од кварталните деловни резултати на компаниите и веста дека британската економија забележала раст на почетокот на годината.
Индексот STOXX 600 на водечките европски акции во првиот дневен пресек порасна за 0,1 отсто. Истовремено, лондонскиот FTSE индекс зајакна за 0,17 отсто, на 7.760 поени, додека франкфуртски DAX порасна за 0,16 отсто, на 17.995 поени, а парискиот CAC за 0,19 отсто, на 8.105 поени.
Покрај солидните квартални деловни резултати на компаниите, трговците ги охрабри и веста дека во јануари британскиот бруто домашен производ (БДП) пораснал за 0,2 отсто на месечно ниво. Тоа ги поттикна надежите дека економијата ќе излезе од рецесијата во која западна во втората половина на минатата година.
И на азиските берзи се тргува внимателно. MSCI индексот на азиско-пацифичките акции, без јапонските, во истиот дневен пресек од тргувањето како и во Европа, порасна за 0,1 отсто, достигнувајќи го највисокото ниво во последните седум месеци. Претпладнево на токиската берза индексот Nikei падна за 0,3 отсто, а благо паднаа и цените на акциите во Шангај и Хонгконг. Во Австралија и Јужна Кореја, пак, се зголемија меѓу 0,2 и 0,4 отсто.
Јапонскиот индекс Nikkei ослабе трет ден по ред, бидејќи станува сè појасно дека јапонската централна банка наскоро ќе стави крај на негативните каматни стапки и ќе започне со нормализирање на монетарната политика, по годините на исклучително поддржувачка монетарна политика.
Во Шангај, пак, берзанските индекси балансираат меѓу позитивна и негативна територија бидејќи инвеститорите ги загрижија новите лоши вести од пазарот на недвижности, кој се уште не успеал да излезе од кризата.
Останатите берзи, пак, благо пораснаа, со што следеше вчерашниот раст на цените на акциите на Волстрит, кога индексот S&P 500 скокна на ново рекордно ниво, откако скокнаа акциите на технолошките гиганти „Oracle“, за речиси 12 отсто, како и на „Nvidia“ за повеќе од 7 отсто.
Затоа инвеститорите не беа обесхрабрени ниту од малото зголемување на инфлацијата во САД. Вчера беше објавено дека во февруари потрошувачките цени се зголемени за 0,4 отсто на месечно и 3,2 отсто на годишно ниво.
И покрај стагнацијата, па дури и благото зголемување на инфлацијата во последните два месеца, на пазарот сѐ уште стои ставот дека американската централна банка би можела да започне со намалување на каматните стапки во јуни.