Благ раст на индексите во Европа, пад во Азија

На европските пазари цените на акциите благо пораснаа во четвртокот, враќајќи дел од загубите од претходниот ден, додека инвеститорите ги чекаат одлуките на шефот на британската централна банка Bank of England (BoE).

Индексот STOXX 600 на водечките европски акции по вчерашниот пад во првиот пресек од тргувањето порасна за 0,1 отсто. Лондонски FTSE индекс претпладнево зајакна 0,02 отсто, на 8.205 поени, додека франкфуртски DAX порасна за 0,34 отсто, на 18.128 поени, а париски CAC 0,24 отсто, на 7.588 поени.

Во фокусот на инвеститорите денеска ќе биде средбата на гувернерите на британската централна банка. Не се очекува намалување на каматните стапки, иако инфлацијата во Британија постепено се намалува. Повеќето аналитичари очекуваат британската централна банка да ги намали каматните стапки на состанокот во август.

А на повеќето азиски берзи цените на акциите паднаа. Индексот MSCI на азиско-пацифичките акции, без јапонските, беше во минус од 0,1 отсто во истиот период од тргувањето како и во Европа, по два дена раст. Истовремено, јапонскиот индекс Nikkei зајакна за 0,2 отсто, а благо пораснаа и цените на акциите во Јужна Кореја. Во Австралија, Шангај и Хонгконг, пак, се лизнаа меѓу 0,1 и 0,6 отсто.

Вчера, индексот MSCI Asia го достигна највисокото ниво во последните две години, најмногу благодарение на растот на цените на акциите во технолошкиот сектор, поддржан од еуфоријата за развојот на вештачката интелигенција.

„Факт е дека сè на пазарите зависи од растот на компаниите поврзани со развојот на вештачката интелигенција, а бидејќи во моментов нема значителни ризици, има помал отпор кон растот на берзанските индекси“, објаснува Крис Вестон, директор на „Pepperstone“.

Сепак, претпладнево берзанските индекси благо паднаа, бидејќи нема вести кои ќе го поддржат понатамошниот раст на цените на акциите и затоа што вчера поради празник не работеше Волстрит, па на инвеститорите им недостасуваат насоки.