Благ раст на Волстрит во претпазливо тргување

На њујоршки Волстрит берзанските индекси благо пораснаа во четвртокот, благодарејќи на растот на технолошкиот сектор, а се тргуваше претпазливо на уште укажува најмалиот дневен обем на тргувањето годинава.

Индексот Dow Jones зајакна за 18 поени или за 0,06 отсто, на 33.999 поени, индексот S&P 500 порасна за 0,23 проценти, на 4.283 поени, а Nasdaq индексот скокна за 0,21 отсто, на 12.965 индексни поени.

На најголемата светска берза преовладува претпазливост, на што укажува податокот дека вчера сопственоста ја смениле 9,4 милијарди акции, што е најмалиот дневен обем на тргувањето досега годинава.

„Во моментот сме кога вложувачите се обидуваат да дознаат дали зголемувањето на каматните стапки ќе го запре растот на пазарите. Има два табора: оние кои сметаат дека најлошото е зад нас, па купуваат акции, и оние коишто сметаат дека најлошото допрва доаѓа, дека неодамнешниот подем на цените на акциите е само отскок на пазарот на ‘мечката’ и дека следи нов пад“, вели за Reuters Рик Меклер, партнер во компанијата „Cherry Lane Investments“.

По остриот пад во првата половина од годината, индексот S&P 500 порасна за околу 13 отсто до средината на јули, благодарејќи, меѓу другото, на подобрите од очекуваните квартални деловни резултати на компаниите.

Последните седмици пазарот го поддржува и благиот пад на инфлацијата во САД од највисокото ниво по повеќе од 40 години, бидејќи тоа ги поттикна надежите на вложувачите дека американската централна банка Federal Reserve (Fed) нема во иднина да ги зголемува каматните стапки толку агресивно како досега. Fed од март ги подигна каматните стапки за 2,25 процентни поени, а се очекува дека ќе ги зголеми и во септември. Но вложувачите се надеваат дека тоа зголемување ќе биде за 0,50 а не за 0,75 процентни поени, како што се очекуваше до неодамна. Тоа, секако, ќе го забави растот на економијата, но инвеститорите се надеваат дека Fed „меко ќе ја приземји“ а не дека ќе ја турне во рецесија.

На вчерашниот раст на индексите најмногу придонесе добивката на технолошкиот сектор, при што цената на акциите на „Cisco Systems“ скокна за речиси 6 отсто, откако овој технолошки гигант ги зголеми процените за продажбата во тековното тримесечје.

Меѓу најголемите губитници, пак, се најде акцијата на „Kohl’s“ со пад на цената за повеќе од 7 отсто, откако овој трговски синџир разочара со своите квартални деловни резултати, па под притисок се најде целокупниот трговски сектор.

И на европските берзи цените на акциите во четвртокот пораснаа. Лондонскиот FTSE индекс зајакна за 0,35 отсто на 7.541 поени, франкфуртскиот DAX индекс скокна за 0,52 проценти на 13.697 поени, а парискиот индекс CAC се зголеми за 0,45 отсто на 6.577 индексни поени,.