Американската економија пораснала во второто тримесечје годинава со исто темпо како и во претходните три месеца, извести во средата Министерството за трговија, благо намалувајќи ја процената поради поскромните вложувања на компаниите во залихите и во опремата.
Американскиот бруто домашен производ (БДП) во периодот од април до јуни годинава пораснал за 0,5 отсто во однос на претходните три месеца, покажаа новите процени на министерството.
Кон крајот на јули растот бил проценет на 0,6 отсто. Тоа значи дека темпото на растот значително не се менувало од минатата есен.
Во однос на второто минатогодишно тримесечје, американскиот БДП е зголемен за 2,5 отсто, исто така за 0,1-процентен поен послабо отколку што се проценуваше во јули. На почетокот од годината беше зголемен за 1,8 отсто.
Ануализираната стапка на растот, којашто покажува колку БДП-то би растело наназад една година доколку во секое тримесечје бележело раст со исто темпо на квартално ниво како и во последните три месеца, изнесувала во второто тримесечје 2,1 отсто. Кон крајот на јули беше проценета на 2,4 отсто, а во првиот квартал изнесуваше 2,0 отсто.
Процената на растот благо на намалена поради поскромните вложувања на компаниите во залихите, индустриската опрема и интелектуалната сопственост, истакнуваат од Министерството за трговија.
На годишно ниво компаниите ги зголемиле вложувањата во опремата за 1,2 отсто, покажуваат најновите податоци. Досегашните процени покажуваат 1,9-процентен раст. Вложувањата во интелектуалната сопственост, пак, се зголемени за 4,6 отсто, за 0.4-процентен поен послабо отколку што се проценуваше во јули.
Личната потрошувачка, главната поткрепа на економските активности, пораснала за 2,3 отсто, во согласност со јулската проценка, а потврдена и проценката за 1.5-процентниот раст на извозот. Увозот, пак, се намалил за 4,6 отсто, според последните податоци на министерството.
Државната потрошувачка и бруто вложувањата се зголемени за 4,0 отсто, горе-долу во согласност со почетната процена.