
Утре на Велика сабота митрополит од МПЦ на аеродромот во Софија ќе ја чека бугарската делегација која треба да слета од Ерусалим и од неа да го презеде Благодaтниот оган.
Благодатниот оган годинава во Софија од Ерусалим ќе го донесе бугарскиот митрополит Антониј, по што ќе биде пренесен до сите храмови во Бугарија, а преку македонскиот митрополит и до сите православни светилишта во Македонија.
Оваа инфомација за БТВ ја потврди бугарскиот митрополит Антониј.
Досегашната пракса не беше официјална и Благодатниот оган од Солун преку свои релации го преземаше Бигорскиот манастир.
Од годинава ова е официјален настан под надлежност на МПЦ.
Благодатниот оган се пали секоја година на Велика сабота на гробот на Исус Христос во Ерусалим.
Тој се смета за чудо во православието, бидејќи се пали единствено во рацете на Ерусалимскиот патријарх и во првите моменти не зрачи топлина и не предизвикува изгореници.