Блаже Миневски ја повлече кандидатурата за претседател на ДПМ

Писателот Блаже Миневски денеска соопшти дека ја повлекува кандидатурата за претседател на ДПМ и нема да присуствува на закажаното продолжување на вонредното Изборно собрание на Друштвото.

-Поради непроменетата состојба во врска со избирачкиот список, начинот на (не)информирање на членството и неисплатените патни трошоци на членовите од внатрешноста што присуствуваа на Вонредното собрание, како и поради информациите во врска со нелегитимноста на изборните процеси и раководењето на ДПМ што се појавија во јавноста, ја повлекувам мојата кандидатура за претседател на ДПМ и нема да присуствувам на закажаното продолжување на вонредното Изборно собрание на Друштвото, посочи Миневски.

Миневски подвлекува дека во изминатите два месеца, од 25 ноември минатата година не е направено ништо за Вонредното изборно собрание да бидат известени оние 65-мина од 285-те члена на ДПМ, кои немаат електронски адреси и не добиваат ниту покана ниту материјали за учество во работата на Собранието.

-Актуелното (не)легитимно раководство не предложи решение ниту за 29-те члена на ДПМ што живеат во странство, кои, ако веќе не можат да гласаат електронски, барем да не влегуваат во списокот за кворум, односно да се евидентираат и да гласаат само доколку физички се присутни на седницата. Не покажа коректен однос дури ни кон членовите со најдолг стаж во ДПМ, меѓу кои и класици на современата македонска книжевност, со тоа што не ги консултира дали се во можност физички да присуствуваат на седниците на Собранието или пак да се изнајде начин како да бидат вклучени во работата на највисокото тело на македонската писателска асоцијација, посочи Миневски.

Исто така, според него, и покрај ветувањето дека ќе се покријат патните трошоци на членови што дојдоа од внатрешноста на Вонредното изборно собрание во ноември, досега таква исплата не е направена.

Тој додава дека Писателската асоцијација на Македонија за првпат во своите 77 години се наоѓа на чекор од самоукинување. ДПМ, како што вели, мора да фати приклучок со новото време, излегувајќи од бездната во кое е фрлено свесно или несвесно во изминатиот период.

-Можеби единствен начин за излез од катастрофалната состојба е евентуалната можност да се активира Советот на ДПМ (поранешните претседатели) и/или членството да избере привремена управа за надминување на кризата, со цел да се разгледаат сите опции, да се надминат правните проблеми со статусот и Статутот на Друштвото, да се анализираат и утврдат точните списоци на членството и потоа да се организира легитимно Изборно собрание. На крајот, сепак се надевам дека како членство ќе ја понесеме одговорноста и ќе изнајдеме начин македонската писателска асоцијација да излезе од состојбата во која се наоѓа, додава Миневски.