
Осмата победа сезонава ја остварија кошаркарите на Бостон Селтикс кои ноќта од понеделник кон вторник пред своите гледачи беа подобри од Њујорк со 114:98.
На Бостон му требаше долго време да се одлепи од ривалите, гостите од Њујорк на полувремето водеа со минимални 53:52. Сепак, во продолжение Бостон заигра подобро предводен од Џејсон Тејтум и на крајот победи со убедливи 16 поени разлика.
Тејтум постигна 35 поени, од кои 17 во последната четвртина. Додаде и седум асистенции и шест скока. Џејлен Браун постигна 22 со шест асистенции и пет скока, а Кристапс Порзингис впиша 21 поен. Кај Њујорк најдобар беше Џејлен Брунсон со 26 поени, додека Џулиус Рендл постигна 25 поени со девет скока и пет асистенции.
Бостон останува втор на Истокот со скор 8-2, а пред него е само Филаделфија со соодносот на победи и порази 8-1.
По пресвртот, Торонто забележа победа на домашен терен против Вашингтон со 111:107. Гостите на полувремето имаа голема предност од 64:45. А Вашингтон имаше предност од 23 поени, но со начинот на играта во продолжението уништи сѐ. Торонто ја доби последната четвртина со 30:16 и на крајот оствари победа со која дојде до соодносот 5-5.
Одлична партија имаше Паскал Сијакам кој постигна 39 поени. Иако промаши три „тројки“, имаше вкупно 15-23 одличен шут од поле. Впиша и 11 скока, седум асистенции и три украдени топки. Скоти Барнс постигна 19 поени и девет скока за Торонто, додека Кајл Кузма го предводеше поразениот тим со 34 поени.
Домашната вечер Милвоки ја комплетираше со победа против Чикаго 118:109. Јанис Адетокумбо беше првото име во победничката екипа со 35 поени и 11 скока, додека од клупата втор стрелец на Милвоки беше Боби Портис, кој постигна 19 поени, со осум скока и пет асистенции. Одличен, но недоволен на другата страна беше Никола Вучевиќ со 26 поени, 12 скока и пет асистенции.
Сакраменто имаше четворица играчи кои постигнаа 20 или повеќе поени во победата над Кливленд со 132:120. Најдобар од нив беше Литванецот Домантас Сабонис, кому му недостигаше еден скок за „трипл-дабл“ учинок. И вака неговите 23 поени, 10 асистенции и девет скока изгледаат како одлично издание.
Де’Арон Фокс постигна 28 поени и шест асистенции, Киган Мареј 25 поени и осум скока, а Кевин Хуертер 20 поени со ефект 6-9 тројки за одлично офанзивно издание на „кралевите“.