Американскиот државен секретар Антони Блинкен во петокот ја критикуваше кинеската поддршка за руската одбранбена индустрија на италијанскиот остров Капри, велејќи дека Пекинг во моментов е главниот снабдувач на Москва во војната со Украина со обезбедување критични компоненти за оружјето.
Блинкен рече дека таквите работи „долеваат масло на огнот“ во „најголемата закана за европската безбедност од крајот на Студената војна“.
Говорејќи на прес-конференцијата по повод крајот на состанокот на министрите за надворешни работи на Г7 на италијанскиот остров Капри, Блинкен рече дека Вашингтон многу јасно им ставил до знаење на Пекинг и на другите дека не треба да им помагаат на руските воени напори во Украина.
„Кога станува збор за основите на руската одбранбена индустрија, главниот придонесувач во моментов е Кина. Имаме индиции дека Кина испраќа машински алати, полупроводници и други предмети со двојна намена за да ѝ помогне на Русија да ги обнови своите одбранбени индустриски залихи“, тврдеше Блинкен без да изнесе каков и да е доказ.
„Кина не може да ги има и двете. Не може да си го дозволи тоа. Сакате да имате позитивни и пријателски односи со земјите во Европа, а во исто време ја поттикнувате најголемата закана за европската безбедност од крајот на Студената војна “, порача Блинкен.
САД ја предупредуваат Кина да не ги помага воените напори на Москва по руската инвазија во Украина во февруари 2022 година, која дојде само неколку недели откако Русија и Кина прогласија „партнерство без ограничувања“.
Германска министерка за надворешни работи Аналена Бербок изрази загриженост за прашањата што ги покрена Блинкен.
„Ако Кина отворено води сè посилно партнерство со Русија, која води нелегална војна против Украина, нема да можеме да го прифатиме тоа“, рече Баербок по состанокот со нејзините колеги од Г7 во Капри.
Американските власти минатата седмица ги брифираа новинарите за материјалите што Кина наводно ѝ ги доставува на Русија, вклучувајќи беспилотни летала и ракетна технологија, сателитски снимки и машини за производство, кои не се смртоносни оружја но според Вашингтон ѝ помагаат на Русија да ја обнови воената опрема за да ја одржи својата двегодишна војна во Украина.
Портпаролот на кинеската амбасада во Вашингтон изјави дека Кина не е актер во украинската криза и не треба да се меша или ограничува слободната трговија меѓу Кина и Русија.
Претседателот Џо Бајден го покренал ова прашање во телефонски разговор претходно овој месец со кинескиот претседател Кси Џинпинг , по што американските власти соопштија дека Блинкен ќе отпатува во Кина во наредните недели. Поединостите, како и времето кога ќе биде остварено тоа патување на Блинкен сѐ уште не се објавени. Но од Пекинг порачуваат дека секако ќе биде поставено и прашањето на големото вооружување на САД и редовна годишна воена помош на островот Тајван кој Кина го смета за своја одметната покраина