Блинкен ја предупредил Кина да не ѝ дава смртоносно оружје на Русија

Американскиот државен секретар Ентони Блинкен го предупредил во саботата кинескиот колега по должност Ванг Ји дека ќе се соочи со „сериозни последици“ доколку Пекинг ѝ даде помош во оружје на Русија во инвазијата на Украина.

Шефовите на дипломатиите на двете супрерсили разговарале на тајна локација во Минхен, а американскиот Стејт Департмент го потврди состанокот кој траел речиси еден час, и тоа дури откако тој завршил.

Односите меѓу Вашингтон и Пекинг се тензични повеќе години. Американската воена доктрина ја означи Кина како најголем предизвик за националната безбедност на САД. Последните седмици повторно се во нагорна точка, откако по наредба на американскиот претседател Џо Бајден беше соборен кинески балон откако ја прелета целата американска територија и за кој се тврди дека бил шпионски.

По пропаѓањето на американските обиди да издејствува од Кина децидно да ја осуди руската инвазија во Украина, Вашингтон со внимание ги следи реакциите на Пекинг на војната. САД тврдат дека наводно имаат информација дека Кина би можела на Русија да ѝ даде помош во смртоносни вооружени системи.

„Државниот секретар многу отворено предупреди на последиците доколку Кина ѝ даде материјална помош на Русија или би ѝ помогнала во системско избегнување на (западните) санкции“, изјави за „Reuters“ висок функционер во Стејт департментот кој сакал да остане анонимен.

Додал дека Кина „се обидува да седи на две столчиња“, тврдејќи дека сака да придонесе за мирот и стабилноста но и истовремено да презема „загрижувачки чекори“ со намера да ја поддржи руската инвазија во Украина.

Ванг Ји неколку часа претходно на Минхенската безбедносна конференција рече дека Кина ќе претстави иницијатива за прекинување на војната, која ќе се заснова на територијалниот интегритет, но и на Повелбата на Обединетите нации.

Истовремено шефот на кинеската дипломатија уште еднаш повикувајќи на дијалог им сугерираше на европските земји „трезвено да размислат“ како да се стави крај на војната. Ванг Ји истакна и дека „некои сили не сакаат војната наскоро да заврши“, но директно не именуваше кои.

Без извинувања

Блинкен и Ванг се сретнаа откако шефот на кинеската дипломатија рече дека САД „хистерично“ реагирале на инцидентот со кинескиот балон за кој Пекинг инсистира дека имал цивилни метеоролошко-научници цели и поради лоши временски услови скршнал од рутата. Кина обвини и за американско „очигледно кршење на меѓународните правила“.

Американски борбен авион на почетокот од февруари по наредба собори балон кој ја прелета целата територија на Северна Америка и беше забележан од астрономи аматери откако во сојузната држава Монтана ја надлетал воената база со 150 балистички проектили со нуклеарни боеви глави.

Зборувајќи на безбедносната конференција во Минхен, Ванг потсети дека Пекинг го известил Вашингтон дека станува збор за цивилен балон без екипаж кој поради силен ветер скршнал од предвидениот курс.

„На светот има толку многу балони, и што сега, САД сите нив ќе ги соборат? Тоа е очигледно злоупотребување на воената сила и јасно кршење на правилата на меѓународната авијација“, додаде Ванг.

Функционер на Стејт департментот изјавил за новинарите дека Блинкен „директно и искрено“ неколкупати му рекол на Ванг дека нарушувањето на американскиот воздушен простор „не смее да се повтори“.

„Државниот секретар експлицитно ја изјави неприфатливоста на кршењето на суверенитетот на САД и меѓународното право од страна на кинескиот извидувачки балон на голема височина… нагласувајќи дека таквите неодговорни дејствија никогаш не треба да се повторат“, се вели во соопштението на Стејт депарментот.

Кина на тој состанок не се извинила за кршењето на воздушниот простор на САД.

САД, според Блинкен, нема да толерираат никакво посегнување на сопствениот суверенитет. Државниот секретар рекол и дека кинеската програма за балони, која, според американската страна, опфаќа повеќе од 40 земји на пет континенти, добила меѓународен публицитет.

Блинкен изјави во интервју за телевизијата NBC дека не му се извинил на Ванг Ји за инцидентот со кинескиот балон во САД.

„Не би сакал да го окарактеризирам кажаното, ми изгледа несоодветно. Сепак, можам да кажам дека немаше извинување“, рече Блинкен во интервјуто од кое исечок беше прикажан во саботата.

Блинкен рече дека му рекол на Ванг Ји дека инцидентот со балон „го нарушил (американскиот) суверенитет и меѓународното право“. „Отворено му кажав дека тоа е неприфатливо и никогаш повеќе не треба да се повтори“, изјави американскиот државен секретар.

Поради инцидентот Блинкен ја одложи посетата на Кина, која беше закажана за 5 февруари, нов датум за патување се уште не е договорен.