Блинкен бара блискоисточните земји да го присилат Хамас да го прифати договорот за Газа на Бајден

Американскиот државен секретар Ентони Блинкен ги повика земјите од Блискиот исток да извршат притисок врз Хамас да го прифатат предлогот на американскиот претседател Џо Бајден за прекин на војната со Израел во палестинската енклава Појасот Газа.

„Мојата порака до владите и луѓето во регионот е: ако сакате прекин на огнот, притиснете го Хамас да каже ‘да’. Ако сакате да ставите крај на страшното страдање на Палестинците во Газа, принудете го Хамас да каже „да. Ако сакате заложниците да се вратат дома, притиснете го Хамас да каже ‘да’“, бараше Блинкен пред да отпатува од Египет.

Земјите од регионот и од целиот свет го поддржаа планот во три фази на Бајден, а единствената страна која не се согласки е Хамас, тврдеше Блинкен. Тврдеше и дека и Израел наводно го прифатил предлогот на Бајден, иако израелската влада тоа досега ниеднаш јавно не го потврди.

Израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху минатата седмица изјави дека израелските услови за завршување на војната не се променети, односно дека тоа се целосно уништување на Хамас и ослободување на сите заложници.

Блинкен пристигна во Каиро во понеделникот за да се сретне со претседателот Абдел Фатах ал-Сиси на почетокот на неговата блискоисточна турнеја чија цел е да се стави крај на тековната војна во Газа меѓу Израел и Хамас. По Египет, Блинкен ќе го посети и Израел. Неговата турнеја се очекува да ги вклучи и Јордан и Катар и да трае до среда.