Блинкен ги критикуваше акциите на косовската влада за насилен пристап до општинските згради на северот

Соединетите држави силно ги осудуваат дејствијата на Владата на Косово за насилен пристап до општинските згради на северот, дејствија што ги презедоа против советите на САД и европските партнери на Косово, се истакнува во пораката на американскиот државен секретар Ентони Блинкен.

„Тие акции остро и непотребно ги ескалираа тензиите, поткопувајќи ги нашите напори да помогнеме во нормализирање на односите меѓу Косово и Србија и ќе имаат последици за нашите билатерални односи со Косово. Го повикуваме премиерот Албин Курти да го смени курсот и сите страни да се воздржат од какви било понатамошни дејства што ќе ги разгорат тензиите и ќе промовираат конфликти“, се вели во писмената изјава на американскиот државен секретар.

Реакцијата на Блинкен даоѓа по денешните ескалации на северот на поранешната јужна српска покраина, откако владата на косовскиот премиер Албин Курти со силни полициски единици требаше да ги овозможи стапување на должност на нови градоначалници од албанска националност во четирите северни општини со доминантно српско население, на локалните избори кои беа масовно бојкотирани од косовските Срби.