Блинкен ги осуди руските „провокации“ чија цел е „агресија“

Американскиот државен секретар Ентони Блинкен изјави во петокот дека во интензивирањето на судирите на истокот на Украина гледа „сценарио за провокации“ коишто наводно го осмислиле Русија со цел да го оправдаат нападот врз Украина.

„Настаните во последните 24 до 48 часа се дел од сценариото коешто веќе се спроведува, а се состои од создавање лажни провокации, потоа одговор на тие провокации и на крајот нова агресија врз Украина“, тврдеше Блинкен во неговиот говор во рамките на годишната Минхенска безбедносна конференција.

„Иако правиме сѐ што е во нашата моќ јасно да дадеме до знаење дека постои дипломатски пат (за кризата меѓу Западот и Русија), многу сме загрижени од тоа што тоа не е патот по кој оди Русија“, уверуваше Блинкен.

Шефот на американската дипломатија таквите обвинување на адреса на Москва, коишто инаку Вашингтон ги изнесува уште од крајот на минатата година кога започна ескалацијата на тензиите со обвинувањата за наводна руска инвазија во Украина, ги искажа и во четвртокот пред Советот за безбедност на Обединетите нации.

Гранатирањата на истокот од Украина продолжија и во петокот втор ден со ред, за што меѓусебно се обвинуваат војската под контрола на Киев и милициите на самопрогласените проруски народни републики во Донецк и Луганск.

Би било „катастрофално“ кризата меѓу Украина и Русија да прерасне во војна, изјави генералниот секретар на ОН, Антонио Гутереш кој ја отвори конференцијата во Минхен.

„Имајќи ја предвид концентрацијата на руските единици околу Украина, длабоко сум загрижен за зголемувањето на тензиите и шпекулациите за воен судир во Европа“, предупреди.

 

Руските предлози не се охрабрувачки за Германија

Русија, којашто Западот ја обвинува за воен покровител и финансиер на проруските милици и која ги отфрла обвинувањата за подготовка на наводна инвазија врз Украина, ланскиот септември на САД и НАТО им претстави предлог за обврзувачки договор со кој северноатлантскиот воен сојуз ќе ги повлече странските сили од земјите членки на руските граници и од источна Европа.

„Русија апсолутно неприфатливо ѝ се заканува на европската безбедност“, изјави германската министерка за надворешни работи Аналена Бербок од неолиберланите Зелени, чии ставови околу украинската криза се разликуваат од социјалдемократскиот канцелар Олаф Шолц кој неодамна во Москва по средбата со рускиот претседател Владимир Путин изјави дека „за Европејците јасно е дека долготрајната безбедност не може да биде постигната против Русија, туку само со неа“.

Руските објави од почетокот на седмицата за почеток на повлекувањето на единиците од областите близу границата со Украина „беа зрак на надеж“, но Бербок вели дека сака да „види дела, бидејќи руска закана и натаму е реална“.

„Ова не е украинска криза. Ова е руска криза“, тврдеше Бербок.

Русија во четвртокот им го предаде својот писмен извештај на САД откако Вашингтон исто така писмено одговори на рускиот предлог за стратешка безбедност и стабилност во Европа и чија цел е ублажување на кризата околу украина.

Но Бербок, а непознато е дали и кога ги видела тие одговори на Москва, оцени дека руските предолзи „досега не се охрабрувачки“.

„Подготвени сме да разговараме во секој момент за тие прашања со Русија, но не за предлозите коишто ја доведуваат во прашање безбедносната архитектура во Европа којашто заедно ја градевме“, изјави Бербок која се противи на нуклеарните централи во Германија но не и на распоредувањето на американските нуклеарни проектили во нејзината земја.

Претходно во петокот шефицата на германската дипломатија ги осуди руските предлози до САД и до НАТО, велејќи дека „произлегуваат од Студената војна“.

Светски челници и високорангирани дипломати дискутираат од ептокот до неделата за одбранбените и безбедностни прашања. Во Минхен ќе се обратат и американската потпретседателка Камала Харис, шефовите на дипломатиите од водечките членки на ЕУ, генералниот секретар на НАТО, Јенс Столтенберг и украинскиот претседател Владимир Зеленски.

Руските дипломати, кои инаку редовно учестуваат на Минхенската безбедносна конференција, годинава не испратија претставници. Тоа го образложија со несакање да се изложуваат на непријатности поради епидемиолошките мерки за влез во земјите, бидејќи руските вакцини против Covid-19 не се признаени на Западот.