![blinken](https://i0.wp.com/netpress.com.mk/wp-content/uploads/2022/02/blinken.jpg?resize=610%2C365&ssl=1)
Вашингтон е подготвен да влезе во директен дијалог со Пекинг за контрола на нуклеарното вооружување, истакна меѓу другото во четвртокот американскиот државен секретар Ентони Блинкен во обраќањето во коешто ги изнесе клучните одредби од американката политика во односите со Кина.
Во говорот Блинкен во универзитетот „Џорџ Вашингтон“ истакна дека САД имаат намера да соработуваат со Кина и во други области во коишто се совпаѓаат интересите на двете држави. Според шефот на американската дипломатија, не треба да се дозволи постојните несогласувања „да го одвлечат вниманието“ на Вашингтон и на Пекинг од спроведувањето на „заедничките приоритети“.
„САД и Кина треба да работат, како меѓусебно, така и со другите земји за да се решат проблемите поврзани со нуклеарните програми на Иран и на Северна Кореја. Покрај тоа, ние сме подготвени директно да разговараме со Кина за нашата сопствена одговорност како нуклеарни земји“, рече Блинкен.
Истовремено државниот секретар истакна дека Белата куќа ја смета Кина за составен дел од светската економија. Покрај тоа, Пекинг игра важна улога во решавањето на глобалните проблеми, па двете земји со нив „ќе мора да се справуваат заедно“, нагласи Блинкен.
„Тоа нема да биде сторено како услуга за нас или за некој друг, и секако не како отфрлање на нашите принципи, туку затоа што заедничката работа на решавањето на големите проблеми е она што светот го очекува од големите сили“, рече Блинкен.
Шефот на американската дипломатија додаде дека Вашингтон не бара конфликт со Пекинг и не сака промена на политичката структура на Кина.
Државниот секретар, исто така, истакна дека САД не ја поддржуваат независноста на Тајван и очекуваат сите негови несогласувања со Кина да бидат разрешени по мирен пат. Но додаде дека Вашингтон забележува оти континентална Кина употребува „сѐ попровокативна реторика и активности“.
„Не ја поддржуваме независноста на Тајван и очекуваме дека разликите од двете страни на (Тајванскиот) теснецот ќе бидат решени со мирни средства“, рече Блинкен.
Додаде дека САД се против секоја еднострана промена на статус-квото на островот, кој Кина инаку го смета за своја одметната покраина на која полага суверенитет, и оти Вашингтон продолжува да му помага на Тајван да одржува доволно ниво на одбранбена способност.
Покрај тоа, челникот на американскиот Стејт департмент најави создавање нова структура во неговото министерство за координација и спроведување на политиките поврзани со Кина, којашто ќе биде наречена „China House“.
Помирливата реторика на Блинкен во однос на Кина доаѓа откако претходно седмицава американскиот претседател Џо Бајден на заедничката прес-конференција во Токио со јапонскиот премиер Фумио Кишида рече дека САД се подготвени за воено учество во одбраната на Тајван „во случај на инвазија“ од Кина. Потоа Белата куќа дообјаснуваше дека претседателот мислел само на континуираната испорака на модерно оружје за Тајван.
Истовремено официјален Пекинг остро реагираше на изјавата на Бајден, порачувајќи дека Кина „ќе преземе решителни дејствија за заштита на нејзиниот суверенитет“.