Американскиот државен секретар Ентони Блинкен и британскиот министер за надворешни работи Дејвид Лами пристигнаа во средата во Киев на серија состаноци со високи претставници на украинската власт во критичниот момент во војната против Русија.
Блинкен рече дека сака директно да слушне од украинскиот претседател и други официјални претставници кои се целите на Киев во војната и што може да направи Вашингтон за да помогне во нивно остварување.
„Мислам дека ова е критичен момент за Украина во средината на интензивната есенска сезона на борби со Русија која продолжува да ја ескалира својата агресија“, рече Блинкен на заедничката прес-конференција со Лами во вторникот во Лондон.
Зеленски ги замоли западните земји да достават ракети со долг дострел и да ги укинат ограничувањата за нивната употреба за Украина да може да гаѓа цели, наводно, како што се воените аеродроми длабоко во руската територија.
Американските функционери се претпазливи од таков потег поради стравот да не предизвикаат директна конфронтација меѓу Западот и Русија, бидејќи за користење на таквото оружје неопходно е со него да управува стручен обучен воен персонала кој Киев го нема, како и прецизни разузнавачки податоци и сателитски снимки, што најдиректно би ги вклучил САД во напади врз територијата на Русија.
Меѓутоа, американскиот претседател Џо Бајден ноќта кон средата сугерираше дека има простор за симнување на ограничувањато за Киев. На прашањето дали САД ќе ги укинат ограничувањата за употребата на оружје со долг дострел од Украина во војната против Русија, Бајден одговори дека неговата администрација „се занимава со тоа токму сега“.
Претседателот на долниот дом на рускиот парламент, Вјачеслав Володин, во средата предупреди дека Москва ќе ги смета САД и нивните сојузници за страни во војната доколку му дозволат на Киев да користи оружје со долг дострел за напади на руска територија.
Блинкен одби да одговори дали Вашингтон ќе дозволи употреба на оружје со долг дострел против цели во Русија и дека за таквата одлука се разгледуваат повеќе фактори.
„Не е важен само самиот систем. Треба да се запрашате: дали Украинците можат ефикасно да го користат, понекогаш тоа бара значителна обука, што ние го направивме. Дали тие имаат способност да го одржат?“, рече Блинкен.
Притисок на бојното поле
Повеќе од две ипол години од почетокот на инвазијата, украинските сили се борат со подобро вооружен и поголем непријател додека се обидуваат да го одвратат рускиот напредок на истокот од земјата. Во обид да поврати дел од иницијативата и да ги одврати руските сили, Киев минатиот месец испрати сили во рускиот регион Курск во смел, голем прекуграничен упад но кој не придонесе за подобрување на ситуацијата на украинскиот фронт во полза на Киев.
Посетата на Блинкен доаѓа еден ден откако тој тврдеше без никави докази дека Иран наводно ѝ доставил на Русија балистички ракети со кус дострел и дека најверојатно ќе ги користи во Украина во рок од неколку седмици, предупредувајќи дека соработката меѓу Москва и Техеран ја загрозува пошироката европска безбедност.
Продлабочувањето на воената соработка меѓу Иран и Русија е закана за цела Европа, рече Блинкен, додавајќи дека Вашингтон приватно го предупредил Иран дека снабдувањето на Русија со балистички ракети ќе претставува „драматична ескалација“.
САД во вторникот воведоа нови санкции врз Иран поради наводната испорака.
Русија ги интензивираше нападите со беспилотни летала и ракети против Украина во последните неколку седмици, при што Украина испрати стотици дронови за напад со долг дострел длабоко на руска територија.
Зеленски ќе отпатува во САД подоцна во септември и ќе го претстави планот за ставање крај на војната на Бајден и неговите потенцијални наследници на претседателските избори во САД во ноември.