Иран веројатно е способен да произведе доволно фисивен материјал за употреба во нуклеарно оружје за „една до две седмици“, изјави во петокот американскиот државен секретар Ентони Блинкен.
„Тие самите сè уште не го произведоа оружјето, но тоа е нешто што очигледно го гледаме многу, многу внимателно“, рече Блинкен на Безбедносниот форум во Аспен, Колорадо.
„Иран, со укинувањето на нуклеарниот договор, наместо да биде најмалку една година подалеку од пробивање на способноста за производство на фисилен материјал за нуклеарно оружје, сега е веројатно една или две седмици од тоа. Една од најголемите грешки што ги направивме во последниве години беше отфрлањето на тој договор и дозволувајќи му на Иран да излезе од рамката во која ја поставивме“, рече американскиот државен секретар.
Блинкен рече дека тоа не се добри вести и дека САД внимателно ја следат ситуацијата во Иран. Американскиот државен секретар нагласи дека САД сакаат да го спречат Иран да поседува нуклеарно оружје и дека американската администрација се обидува да го спречи тоа по дипломатски пат.
Проценката на Блинкен е досега изнесено најкусото време во кое Иран би можел да создаде нуклеарно оружје, откако претходно експерти во американското министерво за одбрана сметаа дека на Иран му се потребни 12 дена за да прозиведе материјал за нуклеарно оружје.
Висок претставник на Стејт департментот изјави дека САД веќе не веруваат оти може да се вратат на преговори со Иран што би значело спогодба Техеран да не произведува нуклерано оружје.
Новиот претседател на Иран, Масуд Пезешкијан, повторни претходно овој месец дека неговата земја не произведува нуклеарно оружје. Во напис за Tehran Times, Пезешкијан нагласи дека „одбранбената доктрина на Иран не вклучува нуклеарно оружје“ и додаде дека САД треба да ги укинат штетните економски санкции против Иран.
Според Меѓународната агенција за атомска енергија (IAEA), Иран е единствената држава без нуклеарно оружје која збогатувала ураниум до високо ниво од 60 отсто, многу блиску до степенот на оружје, додека продолжува да собира големи залихи ураниум.
Врховниот водач на Иран, ајатолахот Али Хамнеи го забрани развојот на нуклеарно оружје со фатва на почетокот на 2000-те, повторувајќи ја својата позиција во 2019 година, кога изјави дека „изработката и складирањето нуклеарни бомби е погрешно, а нивната употреба е харам (религиски забранета)… Иако имаме нуклеарна технологија, Иран решително ја избегнува“. Но, во 2021 година, тогашниот ирански министер за разузнавање предупреди дека притисокот на Западот може да го принуди Техеран да работи на нуклеарно оружје.
По долготрајните преговори поради загриженоста дека Техеран би можел да развие нуклеарно оружје, Иран потпиша нуклеарен договор во нооември 2015 година со кој драстично се ограничува збогатувањето ураниум и ја овластува Меѓународната агенција за атомска енергија (IAEA) да врши строги инспекции.
Според овој текст кој го договорија Иран и шесте големи сили, од кои пет постојани членки на Советот за безбедност при Обединетите нации – САД, Русија, Кина, Велика Британија и Франција плус Германија, Техеран се согласи да ја замрзне својата нуклеарна програма на збогатување ураниум и затворање на центрифугите за тоа до високо ниво од кое лесно може да се дојде до нуклеарна бомба до 2025 година. За возврат беа укинати дел од децениските меѓународни санкции против Иран кој и натаму тврди дека неговата нуклеарна програма никогаш не била воена, туку во научни и медицински цели.
Меѓутоа, САД еднострано се повлекоа од договорот во 2018 година за време на тогашниот претседател Доналд Трамп кој бараше договорот да се прошири и на иранската ракетна програма и ги вратија децениските санкции за Иран. Откако земјите од ЕУ потписнички на договорот од Виена не успеаја да ја заштитат иранската економија од влијанието на американските санкции и европските компании мораа да се повлечат од инвстициите во Иран, Техеран почна постепено да ги суспендира своите обврски од меѓународниот нуклеарен договор и да збогатува ураниум и се приближи до чистотата за оружје, како и ограничувањето на инспекциите на Меѓународната агенција за атомска енергија (IAEA).