Блинкен: Израел треба да стори повеќе за заштита на цивилите во Појасот Газа

Американскиот државен секретар Антони Блинкен во неделата го повика Израел да стори повеќе за да ги заштити палестинските цивили во војната против Хамас во Појасот Газа, додека израелските тенкови навлегуваат во главниот град на југот од палестинската енклава.

Два дена откако САД ставија вето на резолуцијата на Советот за безбедност при Обединетите нации со која се повикува на итен хуманитарен прекин на огнот, Блинкен рече дека Израел мора „да се држи повеќе“ до заштитата на цивилите во Појасот Газа и да се погрижи хуманитарната помош да стигне до оние на кои им е потребна.

„Клучот е да се осигураме дека воените операции се дизајнирани околу заштитата на цивилите“, изјави Блинкен за CNN. „Мислам дека намерата е таму. Но, резултатите не секогаш се манифестираат“, додаде шефот на американската дипломатија.

Израелските сили во неделата се обидуваа да упаднат во центарот на Кан Јунис во јужниот дел на Појасот Газа, а авиони бомбардираа области западно од градот.

Израел претходно ги насочуваше палестинските цивили од северот на тесната пренаселена енклава да се преместат на југот, но последните денови израелската војска со тенкови го опколува вториот по големина град во Појасот Газа каде што се интензивирани и воздушните удари на израелската авијација.