Блинкен очекува следните денови севернокорејските војници да бидат ангажирани во руски Курск

Соединетите држави го очекуваат пристигнувањето на севернокорејските трупи во рускиот регион Курск, кои следите денови се очекува да започнат да војуваат против украинските сили кои сѐ уште се во оваа руска погранична област, изјави во четвртокот американскиот државен секретар Ентони Блинкен, повикувајќи ја Кина да го искористи своето влијание и да го ограничи Пјонгјанг.

Блинкен без да даде каков и да е доказ или да го посочи изворот на информацијата тврдеше дека Русија ги обучува севернокорејските војници во дејствување со артилерија, беспилотни летала и основни пешадиски операции, со што наводно „јасно ставила до знаење“ дека „целосно имаат намера“ да ги користат овие сила во операциите на фронтот.

Највисокиот американски дипломат рече дека има 10.000 севернокорејски војници во Русија, вклучувајќи 8.000 во регионот Курск, каде што украинските сили по огромните загуби во жива сила и борбени средства сè уште држат извесна територија по упадот на руска територија во август.

И претходно воените аналитичари ги коментираа вестите за наводно присуство на севернокорјски војници во Русија, претпоставуваа дека Москва веројатното ќе ги ангажира на обезбедување на пограничните области, со цел руские сили од внатрешните гарнизони кои се здобиија со борбено искуство во Курск да ги испрати на фронтот во источна Укриана.со

„Севернокорејските војници ќе станат легитимни воени цели доколку влезат на бојното поле“, нагласи Блинкен на прес-конференција во Вашингтон со американскиот секретар за одбрана Лојд Остин и јужнокорејските колеги.

Блинкен, сепак, не посочи чија цел би биле севернокорејските војници кои би дејствувале на руската територија. Москва ниту го демантираше, ниту директно го потврди присуството на севернокорејски војници. Пјонгјанг првично исто така ги негираше тврдењата, но подоцна ја бранеше замислата за испраќање своја војска на територијата на Русија, посочувајќи дека тоа е во согласност со меѓународното право врз основа на билатералните договори меѓу двете земји и во согласнот со членот 51 од Повелбата на ОН..

„Сѐ уште не сме сведоци на распоредувањето на овие војници во борба против украинската армија, но очекуваме тоа да се случи во наредните денови“, истакна Блинкен.

Јужнокорејскиот министер за одбрана Ким Јонг-хјун, чија земја испорачува артилериска муниција и борбени оклони возила на земјите членки на НАТО во Европа кои своите средства ѝ ги испорачаа на Украина, исто така тврдеше дека Северна Кореја ѝ испорачала на Русија повеќе од 1.000 проектили.

„Повеќе од 1.000 проектили се испорачани“, тврдеше Ким Јонг-хјун на прес-конференција во Вашингтон, додавајќи дека и Северна Кореја доставила милиони парчиња муниција, повторно без да презентира докази.

Остин рече дека САД ќе објават нова безбедносна поддршка за Украина во наредните денови.

САД и Јужна Кореја се согласија дека Кина треба да стори повеќе за да се спротивстави на провокативните дејствија на Северна Кореја, рече Блинкен, додавајќи дека американските власти имале „цврст разговор“ со Пекинг оваа недела.

„Мислам дека тие се добро свесни за загриженоста што ја имаме и за очекувањата, и со збор и со дело, и тие ќе ги искористат моќта што ја имаат за да ги ограничат тие активности“, рече Блинкен мислејќи на кинеските власти.