Блинкен пристигна во трета посета на Израел од 7 октомври

Американскиот државен секретар Ентони Блинкен денеска пристигна во Израел на средби со премиерот Бенјамин Нетанјаху и други високи израелски претставници, јавуваат светските медиуми.

Блинкен слета во Тел Авив придружуван од новоименуваниот американски амбасадор во Израел, Џек Лу, наведе Си-ен-ен.

Ова е негова трета посета на Израел по нападот на Хамас на 7 октомври.

Пред да замине од Вашингтон, Блинкен вчера кажа дека планира да разговара со израелската Влада за, како што рече, „актуеланата кампања против терористичката организација Хамас“ и „чекорите што треба да се преземат за заштита на цивилите“.

Исто како и при претходните посети, тој има намера да разговара за заложниците кои ги држи Хамас, за спречување на ширењето на конфликтот, за натамошната испорака на хуманитарна помош, но и за „ден потоа“, односно за создавање услови за траен, одржлив мир и безбедност за Израелците и Палестинците.