Американскиот државен секретар Ентони Блинкен денеска го определи најновиот дипломатски напор на Вашингтон за постигнување примирје во Газа како „можеби најдобрата, а можеби и последната можност“ за мир и ги повика сите страни да го доведат договорот до успешен крај.
Преговорите за примирје се водат веќе неколку месеци и ќе продолжат оваа недела во Каиро, по дводневната средба во Доха минатата недела.
Блинкен ќе го засили дипломатскиот притисок за постигнување пробив во преговорите подоцна оваа недела, откако САД минатата недела предложија компромисни решенија кои посредничките земји веруваат дека ќе ги доближат ставовите на завојуваните страни.
– Ова е решавачки момент, можеби најдобрата, а можеби и последната можност да ги вратиме заложниците дома, да постигнеме примирје и да ги поставиме сите на патот кон одржлив мир и безбедност, изјави Блинкен пред новинарите пред средбата со израелскиот претседател Исак Херцог.
– Тука сум како дел од интензивните дипломатски напори по наредба на претседателот Џо Бајден за да се обидам да постигнам договор. Време е сите да кажат „да“ и да не бараат изговори за „не“, додаде Блинкен.
Посредничките земји – Катар, САД и Египет – досега не успеале доволно да ги намалат разликите за да постигнат договор.
Часови по пристигнувањето на Блинкен, палестинското движење Хамас изјави дека го смета израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху за одговорен за „неуспехот на напорите на посредниците“ и одложувањето на договорот.
Државниот секретар предупреди и дека не смее да се дозволи понатамошна ескалација на тензиите во регионот. „Време е исто така да се увериме дека никој не презема чекори кои би можеле да го нарушат овој процес и затоа работиме на тоа да нема ескалација, ниту провокации“, додаде тој.