![blinken dendijas](https://i0.wp.com/netpress.com.mk/wp-content/uploads/2023/02/blinken-dendijas.jpg?resize=696%2C464&ssl=1)
Американскиот државен секретар Ентони Блинкен тврдеше во вторникот во грчката престолнина Атина дека рускиот претседател Владимир Путин со инвазијата во Украина доживеал „стратешки неуспех“, речиси една година од нејзиниот почеток.
„Една година откако претседателот Путин ја нападна Украина, јасно е дека неговата војна е стратешки неуспех во секој поглед“, рече Блинкен во повторното користење на наративот со кој се персонализира украинската војска во ликот на рускиот претседател.
Како што тврдеше американскиот државен секретар на заедничката прес-конференција со грчкиот министер за надворешни работи Никос Дендиајс, „благодарејќи на храброста на украинскиот народ, но и силата и единството на сојузниците и партнерите од целиот свет кој ѝ дојдоа на помош на Украина“, иако станува збор всушност за ткн колективен Запад.
Во меѓувреме во Москва, речиси во исто време, Путин во своето обраќање во парламентот рече дека Москва направила сѐ за мирно да ги реши проблемите во Донбас, но дека Западот зад нејзиниот грб подготвувал поинакво сценарио, непропуштајќи да укаже дека ќе ја продолжи воената кампања во Украина „внимателно и методично“.
Блинкен, пак, во Атина – и покрај тврдењата на поранешните челници на Германија и Франција, потписници на мировните договори од Минск дека Западот со нив само сакал да ѝ даде време на Украина воено да зајакне, тврдеше дека „никој не ја сакал таа војна“ и дека „никому не му се допаѓа таа војна“ и дека „целиот свет сака таа да заврши што е можно поскоро“.
Сепак, тој нагласи дека е клучно да се бранат основните принципи и дека „ако не го сториме тоа и ако дозволиме војната да продолжи неказнето, ќе ја отвориме Пандорината кутија во целиот свет“.
Ова е прва посета на Блинкен на Грција, каде во понеделникот вечерта се сретна со премиерот Киријакос Мицотакис.