Американскиот државен секретар Ентони Блинкен изјави дека Соединетите држави претставиле нацрт-резолуција до членките на Советот за безбедност на Обединетие нации со која се повикува на „итно прекин на огнот поврзан со ослободувањето на заложниците“ во Појасот Газа, откако Вашингтон веќе блокираше неколку такви предлози во светската организација.
„Всушност, поднесовме резолуција која сега е пред Советот за безбедност, која повикува на итен прекин на огнот поврзан со ослободувањето на заложниците, и многу се надеваме дека земјите ќе ја поддржат“, изјави Блинкен за саудискиот медиум Al Hadat во средата ноќта, на маргините на посетата на Саудиска Арабија посветена на војната меѓу Израел во палестинската енклава Појасот Газа.
Блинкен додаде дека се надева дека оваа иницијатива ќе испрати „силен сигнал“.
Вашингтон стави вето на неколку резолуции со кои се бараше итен прекин на огнот во војната меѓу Израел и палестинското исламистичко движење.
Текстот, во кој увид имала агенцијата AFP, ја нагласува „потребата од итен и траен прекин на огнот за да се заштитат цивилите од сите страни, да се овозможи испорака на суштинска хуманитарна помош“ и „недвосмислено ги поддржува дипломатските напори на меѓународните организации да постигнат таков прекин на огнот во однос на ослободување на заложниците кои сѐ уште се држат“.
Во моментов нема закажано гласање за овој текст.
„Секако дека стоиме покрај Израел и неговото право да се брани… но во исто време, императив се цивилите кои се во опасност и страдаат толку ужасно – да се фокусираме на нив, да ги направиме приоритет, заштита на цивилите и обезбедување хуманитарна помош“, рече Блинкен.
Откако ја блокираа алжирската нацрт-резолуција, последната на која Вашингтон стави вето, со која се повикува на „итно хуманитарен прекин на огнот“ во Газа кон крајот од февруари, Американците преговараа за алтернативен текст фокусиран на поддршка на дипломатските напори на терен за посредување за шестнеделен прекин на огнот во замена за ослободување на заложниците.
Ентони Блинкен патува за Каиро подоцна во четврток, еден ден по средбата со саудискиот престолонаследник Мохамед бин Салман, а треба да се сретне и со египетскиот претседател Абдел Фатах ал-Сиси.
За време на посетата на кралството, Блинкен за саудиска телевизиска станица изјави дека верува дека е можен договор во преговорите за прекин на огнот во војната во Газа и ослободување на преостанатите заложници. „Мислам дека јазот се намалува и мислам дека договорот е многу можен“, рече тој во интервјуто.
Катар, Египет и САД со седмици посредуваат меѓу Хамас и Израел. Целта е прекин на огнот и размена на заложници. Блинкен нагласи дека договорот ќе зависи од договорот на Хамас.
Американскиот државен секретар потоа ќе отпатува за Израел во петок, бидејќи разликите меѓу Вашингтон и владата на Бенјамин Нетанјаху околу војната во Газа се интензивираат.
Нетанјаху рече дека неговата војска сега ќе оди во Рафах, во близина на границата со Египет, каде што Израел верува дека има припадници на Хамас, чиј напад од 7-ми октомври во јужен Израел го искористи за сеопфатна офанзива во Појасот Газа. Сепак, САД мислат дека ова ќе резултира со големо крвопролевање бидејќи повеќе од милион луѓе се таму откако избегале од израелскиот напад на други области.