Блинкен: САД имаат веродостојни информации за намерни напади врз цивили

САД виделе „многу веродостојни извештаи“ за намерни напади врз цивилi, изјави во неделата американскиот државен секретар Ентони Блинкен, велејќи дека Вашингтон ги докуменира тие извештаи со цел за потенцијани истраги за воени злосторства, а таквата истрага ја бара и Европската комисија.

„Видовме многу веродостојни извештаи за намерни напади врз цивили кои може да претставуваат воено злосторство. А видевме и многу веродостојни извештаи за користење одредени видови оружје“, изјави американскиот државен секретар Ентони Блинкен во емисијата „State of the Union“ за телевизијата CNN без да наведе конкретни примери.

„Во моментов сѐ документираме, поврзуваме и согледувамем, додека поединци и организации и институции истражуваат дали се сторени воени злосторства, за да можеме да ја поткрепиме нивната работа“, додаде Блинкен.

Претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лејен, изјави во неделата дека е потребно да се истражи дали Русија врши воени злосторства во Украина.

„Мислам дека е потребно да се спроведе темелна истрага за тоа“, изјави фон дер Лејен, исто така, за CNN.

Претходно во неделата од самопрогласената Донецка народна република изјавија дека во Меѓународниот кривичен суд во Хаг поднеле повеќе од 5.000 тужби за потенцијалчни воени злосторства и кршење на човековите права од страна на вооружените сили на Украина.

Генералниот секратар на НАТО предупреди во петокот дека наводно Русите во нападите во Украина користат со закон забранети касетни бомби. Москва, пак, веќе подолг период предупредуваше дека украинските сили ги користат токму касетните бомби во нападите врз цивилното население и милициите во источните проруски региони во Донбас. Според Москва, покрај нападите со фосфорни гранати врз цивилни цели во Донбас, украинските сили во предградијата на Киев користеле муниција забранета со третиот протокол од Конвецијата на ОН „За забрането оружје“ од 1980 година.

Американската амбасада во Украина, која од Киев пред почетокот на борбите беше преселена во западниот град Лвов, во петокот објави дека напад врз нуклеарна централа е воено злосторство, откако руските сили ја заземаа најголемата европска нуклеарка иако тоа беше сторено без борби на територијата на централата.

Блинкен не го коментираше тој твит на амбасадата, а Стејт департментот одби да коментира дали твитот го одразува и ставот на американската влада по тоа прашање.

Русија, која негира дека напаѓа цивилна инфраструктура и ги обвинува украинските ултранационалистички формации дека ги држат цивилните како заложници и жив штит и оти своите позиции ги поставуваат во станбени населби, својата кампања од 24-ти февраури ја нарекува „специјална воена операција“ уверувајќи дека нема намера да ја окупира Украина.