Блинкен се сретна со Кси Џинпинг во текот на важната посета на Кина

Американскиот државен секретар Ентони Блинкен се сретна во понеделникот со кинескиот претседател Кси Џинпинг, завршувајќи ја, како што оценуваат во Вашингтон, исклучително важната посета на Пекинг чијашто цел е да се обезбеди бројните спорови меѓу двете суперсили да не прераснат во конфликт во заднината на одбивањето на Кина да се дистанцира од Русија поради војната во Украина.

Блинкен така стана првиот американски државен секретар кој се сретна со кинескиот претседател по посетата на неговито претходник Мајк Помпео во ноември 2018 година, а средбата за којашто е известено речиси во последниот момент се оценува како посебен гест и знак дека Пекинг има намера да ги намали тензиите коишто силно пораснаа меѓу Вашингтон и Пекинг.

Средбата којашто се случила во последните часови од дводневната посета би можела, како што се оценува, исто така, да помогне во олеснувањето на остварувањето самит меѓу кинескиот претседател Кси Џинпинг и американскиот претседател Џо Бајден подоцна годинава, како што се надеваат во Вашингтон.

„Двете страни имаа искрени и детални разговори. Се надевам дека со оваа посета, господине секретар, ќе дадете попозитивен придонес за стабилизација на кинеско-американските односи“, рекол Кси во обраќањето кон Блинкен на почетокот од состанокот, се наведува во коментарите кои ги емитуваше кинеската јавна телевизија CCTV.

Претходно во понеделникот Блинкен имаше долги разговори со водечкиот кинески дипломат Ванг Ји, а ден претходно и со кинескиот министер за надворешни работи Чин Ганг.

Блинкен ја истакнал важноста на отворените канали за комуникација меѓу двете земји, а повеќе од три часа долгиот разговор со Ванг, Стејт департмент ги оцени како „продуктивен“.

Опишувајќи ги односите меѓу САД и Кина дека се на најниското ниво, Ванг изјавил дека главната причина е погрешната перцепција на Вашингтон за Кина.

„Мораме да заземеме одговрен став кон луѓето, историјата и светот и да направиме пресврт во надолната спирала во американско-кинеските односи“, рекол Ванг во текот на разговорите со Блинкен, според соопштението на кинеското Министерство за надворешни работи.

Ванг ги повикал САД да престанат да шпекулираат за наводните закани од Кина, да се откажат од „гушењето“ на кинескиот научен и технолошки развој и да се воздржат од мешањето во нејзините внатрешни работи, објавија кинеските медиуми, алудирајќи на постојаните критики на Вашингтон за состојбата на човековите права во Кина и особено последните години за односот кон муслиманското малцинство Ујгури.

Во текот на разговорите во неделата кои траеја седум и пол часа со Чин Ганг, Блинкен ја истакнал „потребата да се намали ризикот од погрешни перцепции и погрешни процени“, наведе американскиот Стејт департмент.

Двете страни ја истакнале важноста од олеснување на посетите на своите граѓани, и се согласиле да работат на зголемувањето на патничките летови, што ги зголеми акциите на кинеските воздухопловни компании на берзите во понеделникот.

Исто така, соговорниците ја истакнале намерата да ги стабилизираат билатералните врски и покрај она што неименуван американски функционер за Reuters рекол дека постојат „длабоки“ разлики, а исто така се согласиле дека Чин ќе го посети Вашингтон за да ги продолжат разговорите, иако не е објавен датумот за таа средба.

Патувањето на Блинкен, кое беше одложено во февраури откако американските борбени авиони соборија наводно кинески шпионски балон кој го прелета речиси целиот воздушен простор на САД вклучително и над воена база во кој се чуваат нуклеарни проектили, беше со големо внимание следено во целиот свет, бидјќи натамошното влошување на односите меѓу двете најголеми светски економии би можело да има глобални последици врз финансиските пазари, досегашните трговски практики и рутите и синџирите на снабдување.

Односот на Пекинг на Тајван, островот отцепен по граѓанската војна во 1949 година зад кого воено и економски стојат САД а Кина го смета за своја територија која доколку е потребно ќе го врати со сила, му бил посебно истакнат во текот на посетата на Блинкен. Ванг порачал дека „Кина нема простор за компромиси или отстапки“ во однос на тајванското прашање, истакнуваат кинеските медиуми.